На полноќ завршува изборна кампања и почнува молкот пред локалните избори

Од полноќ престануваат и сите облици на изборно медиумско преставување, соопшти денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

 

„Според изборниот законик за прекршување на изборниот молк ќе се смета емитување било какви информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат на одлуката на избирачите, податоци кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта, се вели во соопштението од АВМУ.

 

Агенцијата ги потсетува радиодифузерите дека треба да ја прилагодат својата програма веднаш со започнувањето на изборниот молк за да избегнат какво било прекршување на изборниот молк, затоа што, како што посочуваат, согласно изборниот законик единствена мерка е покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

 

Шестите локални избори во Македонија  ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Кампањата за првиот изборен круг ќе заврши утре во 24 часот.

 

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.

 

Државната изборна комисија (ДИК) вчера започна со дистрибуција и примопредавање на доверливиот изборен материјал на општинските изборни комисии (ОИК) за локалните избори закажани за в недела.

 

Согласно изборниот роковник, ДИК изборниот материјал го предава на ОИК најдоцна во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите, а ОИК е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите да го предаде изборниот материјал на ИО ( избирачките одбори).

 

МВР соопшти дека сите одделенија за управни работи ќе работат на 14 и 15 октомври, со што граѓаните и овие денови ќе можат да извадат лични карти.

Сите барања за издавање лична карта (оштетена, изгубена или украдена) по законски спроведената постапка, ќе се одобруваат итно во сите регионални Одделенија за управни работи при Министерството за внатрешни работи и тоа само доколку подносителот не поседува биометриска патна исправа.

Барањата за лични карти ќе се примаат и одобруваат итно заклучно со сабота до 16:30 часот.

 

Веднаш по примањето на апликациите за лични карти, Одделот за информатика ќе ги изработува и ќе ги доставува до надлежниот сектор за навремена дистрибуција до Одделенијата за управни работи.

 

На денот на изборите Одделенијата за управни работи ќе работат само за издавање на лични карти во периодот од 7:00 до 19:00 часот.

 

В недела, сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, од 7:00 до 19:00 часот ќе бидат отворени за граѓаните, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien