Како и секоја година така и оваа 12 маратонци од повеќе градови од Македонија, кои тргнаа од Нова Градишка денеска пристигнаа во Крушево оддавајќи и почит на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Тие се поклонија на неговото вечно почивалиште каде се одбележија 10 години од неговата смрт.
Крушево денеска беше преполно со фанови на Тоше од Србија, Хрватска, од Бугарија, Турција и други земји. Радица Иванова од Бугарија повеќе години е обожавател на Тоше, но за прв пат доаѓа во Крушево и на Гумење.
„Прв пат доаѓам во Крушево и ова е некаква магија која со зборови не се опишува. Во Бугарија многу се слуша музиката на Тоше и верувам дека и понатаму ќе има уште многу негови фанови. Овде дојдовме неколку девојки, а многу други сакаа, но не можеа да дојдат. Но сигурно ќе дојдат. Ги чекаме маратонците за да го славиме Тоше, вели Иванова.
Соња Ќурќиќ, која дојде во Крушево од Србија, вели дека секогаш кога доаѓа во Крушево емоциите биле исти.
„Чувствата не се променети. исти се како кога дојдовме првиот пат во 2008, една година по смртта на Тоше. Секогаш кога доаѓаме во Крушево, емоциите се исти: иста е тагата, тука не може ништо да се промени. Срцето ние е полно со тага и болка и се трудиме да ги споделиме со неговото семејство и со неговите пријатели. Тука сме заедно да тагуваме, но и со радост да се потсетиме дека го имавме. Останува неговата музика, спомените“, вели Соња Ќурќиќ.
На Гумење денеска дојдоа и верните фанови на Тоше од Хрватска.
„Имам само љубов за Тоше. Сфативме дека целиот свет, преку него, е мост на љубовта. Се чувствуваме поврзани, зашто тоа му беше мисијата на Тоше, вели Маја Мариновиќ од Сисак, Хрватска.
По повод 10 години од прераната смрт на Тоше во неговата Спомен куќа се одржа културно-уметничка програма. 15-ина студенти од универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип денеска сликаа, инспирирани од животот и делото на Тоше Проески. Учениците од крушевското основно училиште „Никола Карев“ изведуваа поетски рецитал, а настапи и хорот при гимназијата „Наум Наумоски Борче“ од Крушево.
„Инаку, во Спомен куќата се изложени околу 350 експонати, сопственост на семејството на Тоше Проески. Горди сме што во 6 годишното постоење на Спомен куќата неа ја посетиле повеќе од 500.000 фанови и почитувачи на делото на Тоше.Тука може најдобро да го почувствувате духот на Тоше Проески, во Спомен куќата се чувствува една посебна енергија и емоција, чувство кое побудува и радост и тага и каде што најмногу може да се почувствува духот на еден голем хуманитарец“, истакна Елена Мирческа, директорка на Спомен куќа – Тоше Проески.
Извршниот директор на Фондацијата „Тоше Проески, Андреј Николоски, истакна дека пред точно десет години Крушево го загубило својот херој, Македонија својот ангел, а Балканот ја загуби идната светска музичка ѕвезда. Николоски најави нов албум од Тоше до крајот на годинава.
„Подготовките за албумот „Сикрет плејс“ се во финална фаза. На тој албум ќе бидат 6 песни на Тоше на англиски јазик, вклучувајќи ја и песната промовирана на 5 октомври на Граскиот плоштад во Скопје. Песните се работени во студиото на продуцентот Енди Рајт во Лондон. Ќе се најдат и три преработки на стари песни на Тоше. Албумот ќе биде промовиран на концерт до крајот на годинава“, вели Николоски.
Николоски исто така најави дека од државниот буџет се обезбедиле средства за да се изгради достојно спомен-обележје на Тоше Проески на неговото вечно почивалиште на Гумење.