Иванов: ЕУ да ја стави Македонија на мапата на големите европски инфраструктурни проекти

Facebook
Twitter
Email
Print

Република Македонија сака да биде дел од Европската Унија во која постои слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал. Но, за рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор, неопходно е да сме рамноправен дел и од европските патни, железнички и енергетски коридори. Очекуваме Унијата да ја стави Македонија на мапата на големите европски инфраструктурни проекти, рече претседателот Ѓорге Иванов, на денешното отворање на состанокот на регионалната бизнис иницијатива Самит 100, што се одржува во Скопје.

 

Иванов кажа дека кога се гради нова инфраструктура, се менува и географијата, а со менување на географијата, се менува и иднината. Јадранско-јонската магистрала, железницата Минхен-Истанбул, брзата пруга Будимпешта-Белград што преку Македонија треба да продолжи кон Пиреја, Коридорот 8 и каналот Вардар–Морава–Дунав, според него, ќе им овозможат на државите од Југоисточна Европа да бидат меѓусебно цврсто поврзани, со што ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот за странски инвестиции. Тоа неповратно ќе ја промени географијата на регионот, ќе ги брише предрасудите и поделбите, ќе ја унапредува соработката и ќе ја гради европската иднина на сите држави во регионот.

 

„Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Балканот. Ние доброволно се менуваме поради трансформирачката моќ на Унијата. Но, заморот од проширувањето кај нас создаде замор од чекање и наместо да се бавиме со реформи, ние почнавме да се бавиме со самите себе. Затоа, неопходно е ЕУ час поскоро да ги започне преговорите за членство со Македонија. Со секое затворено поглавје, земјата се европеизира и се приближува кон посакуваните европски демократски стандарди. Целта е еден ден нашите држави да бидат дел од европскиот пазар во кој компаниите од нашиот регион ќе можат слободно да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси“, изјави Иванов.

 

За да се надмине фрагментираноста на Балканот, според претседателот Иванов,  неопходна е политичка и безбедносна поврзаност преку членството во ЕУ и во НАТО.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи