Средба на премиерите на Македонија, Албанија, БИХ и Црна Гора на „Самит 100“

Македонскиот премиер Зоран Заев, заедно со премиерите од Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, и со претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, денеска ќе учествува на панел-дебатата „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар?“ на „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа, кој вчера и денеска се одржува во Скопје.

 

Премиерите ќе дебатираат за енергијата, за економиите засновани на знаење, за брендирањето, за дигиталната економија и за стратегиите за поврзување на регионот и за заеднички иницијативи во областа на туризмот.

 

Инаку Претседателот на Управниот одбор на Самит 100 и генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, рече дека за полесен пристап до нови пазари на компаниите им е потребно здружување и посочи дека само преку интензивирање на регионалната соработка и градење синергија меѓу фирмите ќе се подигне конкурентноста на економиите, а на фирмите ќе им се обезбеди пристап до нови пазари, додека за странските инвеститори како еден унифициран пазар би биле многу попримамливи.

 

Денеска, учесниците на Самит 100 ќе бидат ангажирани во 5 креативни работилници посветени на енергетиката, економијата базирана на знаење, брендирање на производите од секторот храна и пијалаци, како и дигиталната економија и туризам.

 

Специјална гостинка на „Самит 100“ вчера беше еврокомесарката за транспорт,Виолета Булц која порача дека регионот треба да се однесува како да е влезен во Европската Унија, бидејќи одредени теми, како што е загадувањето, ги засегаат сите граѓани.

 

Таа порача дека инфраструктурната поврзаност е многу важна за земјите од Западен Балкан и упати апел за поголема искористеност на фондовите од ЕУ наменети за тоа.

 

Главна тема на „Самит 100“ е електрификација на регионот во рамките на проектот „Едисон“. Во таа насока, Скопје вчера беше промовиран како „е-град“, односно го доби првиот електричен полнач кој се наоѓа во хотел „Парк“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien