Секој петти Македонец е сиромашен – се преживува со 6500 денари

Facebook
Twitter
Email
Print

Во Македонија 445 илјади лица живеат во ризик од сиромаштија, односно со помалку од 6.500 денари месечно. Десет проценти од нив се вработени, но исто така живеат во ризик од сиромаштија. Највисок степен на сиромаштија имаат семејствата со три или повеќе деца.

 

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 28.6%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 14.5%. 39.7% од невработените, 8.9% од вработените и 7.3% од пензионерите живеат во сиромаштија.

 

Универзитетската јавност нуди решение за проблемот со сиромаштијата. Сепак, се предупредува дека е потребна синхронизирана акција на сите чинители во општеството.

 

„Домаќинствата со три и повеќе деца имаат највисок степен на сиромаштија, односно 52 проценти од нив живеат во ризик од сиромаштија. Од друга страна, основниот инструмент кој е насочен кон оваа категорија лица, а тоа е социјалната парична помош, не се зголемува со бројот на деца доколку имаат повеќе од три. Затоа е потребно интервентно редефинирање на таа мерка“, рече професорката Маја Геровска Митева на одбележувањето на овој ден што се одржа на Институтот за социјална работа и социјална политика.

 

Како една од мерките кои можат да ги подобрат состојбите, смета таа е висината на основицата за социјална парична помош да биде поврзана со висината на минималната плата, но процентот да варира зависно од бројот на членови на семејството, но и комибирање на права од социјална заштита и други права.

 

„Споредбените искуства покажуваат дека секаде системот на социјална заштита е поврзан со други права, како право на поддршка во домувањето, право на олеснување на трошоците во образованието итн. Тоа значи отворање или интегрирање на системот за социјална заштита со други мерки што заедно ќе помогне на оваа категорија граѓани за излез од ризикот“, вели таа.

 

Од Министерството за труд и социјална политика планираат до 2020 сиромаштијата од 21,5%, колку што изнесува во моментов, да ја намалат до 16%. Планираат и да ги скратат непродуктивните трошоци за да има повеќе средства  за социјално ранливите категории граѓани.

 

„Сите надоместоци за социјална помош треба да се прилагодуваат на одредени критериуми, како зголемувањето на животниот стандард, просечната плата и трошоците за живот“, вели заменик министерот за труд и социјална политика Елми Азири.

 

Според податоците на Обединетите нации, во светот повеќе од 2 милијарди луѓе живеат во сиромаштија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи