ВИДЕО : Винарници издлабени во камен – уште еден од уникатните белези на прилепско

Можеби малку мина знаат дека во околината на Прилеп и Мариово може да се најдат голем број на винарници издлабени во карпи каде во минатото се подготвувало виното. Според археолозите овие објекти потекнуваат од римскиот период, но истражувачот и писател Тренчо Димитриоски, смета дека дел од нив потекнуваат дури и пред римскиот период. Една од побогатите области со вакви винарници е месноста викана Заград кај Прилеп. Тука може да се најдат десетици вакви уникатни објекти.

 

 

Токму на оваа тема Димитриоски утре ќе има предавање во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп.

 

„Сметам дека некои од нив се од постаро потекло, а некои можеби и од поново потекло, не само до римскиот период. Незнаеме со сигурност да кажеме до кога се употребувале, можеби дел се употребувале и во турскиот период. Кај дел од овие објекти во нивна близина се сретнуваат и културни остатоци од праисторијата. Кај село Мраморани, кај еден винарник, со доста нагласени димензии, има остатоци од населба од енеолитот и бронзеното време. Затоа сметам дека на овие објекти не му е посветено доволно внимание, треба посоодветно да му се пристапи и научно и истражувачки, бидејќи заслужуваат едно такво внимание, не само од аспект на тоа за што биле наменети туку и од еден културен аспект. Тоа се интересни остатоции од минатото на нашите простори“, изјави Тренчо Димитриоски, писател и истражувач.

 

Овие винарници се доказ дека во минатото прилепскиот регион бил крај каде, за разлика од денес, наголемо се огледувало грозје. Една од тие области била и таа која се нарекува „Кара камен“, исто кај областа Заград, каде имало населба, некропола и голем број винарници во карпа.

 

„Тука во близина се наоѓа едек локалитет кој се нарекува „Кара камен“ и кој мене ми е доста интересен бидејќи има некропола, остатоци од населба и винарници. Сметам дека населбата се наоѓала во еден простор каде имало многу лозја, дека таа е населба која специјално се занимавала со производство на вино и производи од грозје, но и можеби била на некаков начин позаврзана со градот Прилеп. Во турскиот период е интересно тоа што во дефтерите, документите во кои е запишано плаќањето на даноци на Портата во Истанбул, ќе сретнете еден фрапантен податок дека од целиот тој данок кој го плаќале прилепчани, некогаш речиси половина бил од лозје. Тоа укажува навистина на една главна гранка со која се занимавале луѓето тука“, додава Димитриоски.

 

Засега нема податоци дека ваков вид на антички винарници издлабени во камен има и во регионите кои денес се познати по лозарство во Македонија.

 

 

„Дури мислам дека и се внимавало и на амбиентот каде се граделе дел од овие винарници. Се внимавало да биде присутен моментот на богот Дионис, да асоцира на покровителот на виното. Околу овие винарници често пати има некои чудни карпи, со антропоморфни или зооморфни форми ии слично“, потенцира Димитриоски.

 

Овие податоци укажуваат на тоа дека науката треба да посвети поголемо внимание за истражување на овие винарници кои можат да дадат нови информации за текот и начинот на живот во прилепско во минатото.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien