Критична маса 41

Денес се одржа 41-та по ред Критична маса во Прилеп. Мотото овој пат гласеше „Нови градоначалници, стари проблеми. Тука сме!“.

 

Од здружението „ПрилепНаТочак“ потенцираат дека иако се борат за подобрување на условите за велосипедистите како учесници во сообраќајот, сепак некои видни подобрувања нема, односно најголемите проблеми се сè уште тука.

 

Денес на Критична маса присуствуваше и новиот градоначалник на Општина Прилеп Илија Јованоски, кој возејќи со велосипедистите и самиот се увери во проблемите со кои се соочуваат. Јованоски истакна дека Општината максимално ќе се заложи во решавање на овие проблеми и притоа истото ќе се прави во соработка со здруженијата на велосипедисти од Прилеп. Тој исто така потенцираше дека покрај заложбите за уредување на Прилеп со велосипедска инфраструктура, планирано е и изградба на рекреативни велосипедски патеки  во склоп на спортскиот центар кој ќе се гради кај Прилепското вештачко езеро.

 

Нелегалното паркирање го прави Прилеп заробеник на автомобилите. Жртвите од загадувањето, недостигот на специјален простор за јавен превоз , велосипеди и пешаци, недовршените велосипедски патеки, метежот, бучавата, хаосот се само дел од причините за неквалитетна средина за живеење, велат од ПрилепНаТочак.

 

„Затоа – тука сме!
Да покажеме дека луѓето може да се движат и поинаку, а не цело време и не само со кола. Тука сме.
Да побараме мултимодално, а не автоцентрично планирање. Тука сме.
Да побараме поодговорно планирање, планирање за заштита на човечки животи и пријатно живеење, наместо планирање за големи брзини. Тука сме.
Да ги поддржуваме добрите политики и да ги критикуваме лошите. Тука сме.
Да пријавуваме проблеми и да се радуваме на малите победи. Тука сме.
За безбедни улици, тука сме.
За велосипедска мрежа низ цел град, тука сме.
За град кој се движи на незагадувачки и активен, здрав начин, тука сме“, стои во соопштението од ПрилепНаТочак.

 

Борбата за вело-Прилеп продолжува!

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien