Новиот градоначалник на Општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска најави формирање на т.н. „Граѓански парламент“ во кој ќе членуваат сите граѓански здруженија, невладини организации и поединци кои сакаат да учествуваат во идеите и спроведувањето на политиката на локалната самоуправа.
Јованоски се заблагодари за довербата која му ја дале граѓаните на 15 октомври и вети дека ќе биде еднаков за сите.
„На сите граѓани сакам да им се заблагодарам што ми ја дадоа довербата на изборите на 15 октомври да бидам градоначалник на Прилеп. Сакам да потенцирам дека ќе бидам градоначалник на сите граѓани на Прилеп и населените места без разлика на национална, верска и политичка припадност. Ќе бидам еднаков за сите, со сите еднаков и за се еднаков. Ветувам дека ќе работам транспарентно, посветено и отчетно. Тоа ќе го барам и од моите соработници, директори и раководители, сите да бидат на максимално задоволително ниво со својата работа. Нема да дозволам ништо да биде поинаку од она што јас ќе работам. Ова што денес го започнавме и оформивме „Граѓанскиот парламент“, ќе биде парламент на сите градски здруженија, на сите невладини организации и на сите граѓани кои сакаат поединечно да учествуваат во идеите и спроведувањето на политиката на локалната самоуправа. Сите заеднички ќе го правиме буџетот на локалната самоуправа, сите заеднички ќе ги уредуваме приоритетите што треба да се направат. Едни од моите главни приоритети ќе бидат решавањето на водоснабдувањето на Прилеп и патната инфраструктура“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Јованоски имаше и средба со новинарите од Прилеп на која вети транспарентно и отчетно работење и соработка со сите медиуми во градот. Истакна дека Општината ќе биде отворена за сите идеи, сугестии, предлози и критики кои ќе доаѓаат од медиумите.