„Цената на електричната енергија не е намалена. СДС повторно лаже и манипулира со граѓаните кога зборува дека ќе има намалување на цената на електрична енергија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, граѓаните од нивните сметки за струја видоа дека цената што ја плаќаат за киловат час потрошена електрична енергија е иста како и претходниот месец.
„Бидејќи СДС очевидно ги лаже граѓаните со популистички соопштенија веднаш треба да им одговори на јавноста за колку е намалена цената на електрична енергија. Овој случај е само потврда дека СДС само ветува, а ништо не остварува. Граѓаните внимателно следат и ќе ги казнат лагите и расипништвото на владата на СДС“, се додава во реакцијата.