ВИДЕО : Државен натпревар во болдеринг во Прилеп

Во Прилеп денеска се одржа болдер натпреварот во спортско качување од државната лига. Организатори се спортско-качувачкиот клуб „Златоврв“ од Прилеп и Спортско-качувачката федерација на Македонија. Учесници имаше од скоро сите клубови од Македонија кои се занимаваат со овој спорт и претежно беа помлади учесници. Натпреварот се одржа на вештачката карпа за искачување која е сместена во гимназијата „Мирче Ацев“.

 

 

„Целта е натпреварувачите да ја искачат замислената насока која што е направена од посебни местачи на насоки, таа има своја тежина, свој систем на качување, должност е на натпреварувачот од 5 обиди да ја искачи насоката. Има 5 насоки, значи вкупно се 25 обиди за време од 1 час“, истакна Ристо Белокапоски, претседател на СКК „Златоврв“ од Прилеп.

 

Во последните неколку години болдерингот стана еден од препознатливите белези на Прилеп и еден од многуте адреналиски спортови кои се негуваат тука. Поради уникатниот терен во околината на Прилеп и специфичноста на вулканските карпи на областите „Камена Баба“, „Маркови Кули“ и „Трескавец“, Прилеп се почесто е посетуван од качувачи по карпи буквално од сите континенти.

 

Оваа афирмација помога спортот се повеќе да станува интересен и за младите луѓе во Прилеп и Македонија.

 

„Овој тип на натпревари е спортскиот дел на спортското качување кое има 3 дисциплини : болдеринг, оваа која ја практикуваме тука, брзинско и тежинско кое што е со јажиња. Ние во Прилеп имаме можност за искачување на болдеринг затоа што нашата болдер вежбална е со скромен капацитет. Еден од начините да ги привлечеме младите да се искачуваат, да добиваат вештини, за да потоа на позрели години можат да започнат со искачување и надвор на карпите“, додава Белокапоски.

 

Младите луѓе кои се занимаваат активно со овој адреналински спорт велат дека болдерингот станува многу популарна спортска дисциплина помеѓу младите во целата држава.

 

„Јас тренирам 5 години, прво започнав со планинарење, потоа мојот татко ме насочи на овој спорт и од тогаш многу го засакав. Имаме 4 пати неделно тренинг, освен во затворениот дел, во болдер салата, тренираме и на отворено“, кажа Димитар Ристески, качувач по карпи.

 

„Со овој спорт се занимавам уште од 2013 година, овој спорт ми се допаѓа многу затоа што кога качуваш многу е возбудливо и адреналинот е на многу виско ниво“, вели Марија Кулеска, качувач по карпи.

 

„Се занимавам со спортов 5 години, кога ќе ја качиш насоката чувствувам голема возбуда и затоа сакам да се занимавам со него. Сето тоа ми дава мотивација и понатаму да се качувам“, изјави Стефанија Пајканоска, качувач по карпи.

 

„Две години се занимавам со болдеринг, 4 пати неделно имаме тренинзи, тренираме и на локалитетот „Баба“, „Дабница“, чувството кога ќе се качиш горе на карпата е како да си постигнал некој огромен успех“, истакна Ангела Гарбеска, качувач по карпи.

 

Од СКК „Златоврв“ од Прилеп велат дека за уште поголема промоција и развој на овој спорт потребна е многу поголема поддршка како од државните така и од локалните власти.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien