Пет судења за предмети на СЈО се закажни во ноември, а од нив две се одржуваат првпат. Три од 5 предмети суди судијката Лидија Петровска, позната по тоа што беше споменувана во бомбите на опозицијата.
Обвиненијата за предметите на СЈО „Тотал“, во кој е обвинет Драган Павловиќ Латас, и „Тврдина-Таргет“ ,во кој се обвинети Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков, се одобрени, но сè уште судечки судија не определил термини за првите рочишта.
2 ноември – „Тврдина 2“, предметот во кој за уништување на службената документација поврзана со незаконското прислушување обвинети се ексначалникот на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, кој е во бегство, и уште шест службенички. Судијката Лидија Петровска ја одложи главната расправа поради дополнување на доказната постапка.
6 ноември – второ рочиште за предметот „Транспортер“, случај за криминалните зделки за превоз на ученици во Битола, во кој првообвинет е ексградоначалникот Владимир Талески заедно со уште 20 лица. Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Судијката Лидија Петровска го одложи минатото рочиште зашто една од обвинетите не се појави на судењето.
7 ноември – прво рочиште за предметот „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот и сопственик на „Транс мет ДООЕЛ“ и на ТВ „Нова“, Сеад Кочан, за злоупотреба на постапката за јавен повик и доделување договор за јавна набавка доделен од АД ЕЛЕМ.
15 ноември – прво рочиште за предметот „Триста“, во кој експомошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски, е обвинет за противзаконска набавка на возила за потребите на полицијата. За овој предмет Апелациониот суд одлучи бомбите да бидат доказ во постапката.
20 ноември – продолжува судскиот процес „Насилство во Општина Центар“, во кој првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и уште 12 лица, за кривичното дело насилство од Кривичниот законик. Апелација и за овој случај, кој го суди експретседателката на судот, Татјана Михајлова, бомбите на опозицијата ги прогласи за доказ во постапката. Минатото рочиште беше одложено поради недоаѓање на двајца обвинети (Димче Крстев и Милан Андоновски).
Истиот ден во 10 часот кога Груевски ќе биде на суд за насилство, во кривичниот суд на премиерот Зоран Заев ќе му се суди во предметот „Поткуп“ за 200 илјади евра мито побарани од бизнисмен во Струмица. Адвокатите на одбраната Ване Андреев и Филип Медарски поднесоа жалба на одлуката на судот, објавените снимки на „YouTube“ да бидат доказ во постапката.
23 ноември – продолжува судскиот процес за случајот „Сопот“, кој повторно почнува од почеток, а го застапува СЈО. На шест обвинети им се суди во отсуство, а четворицата што беа присутни останаа на претходно дадените искази. На ова рочиште треба да сведочи и сведокот Рамадан Бајрами.
Од другите судења месецов, на 2 ноември ќе биде изречена пресудата за случајот „Диво Насеље“. На 3 ноември треба да биде изречена пресудата за милионскиот грабеж во НЛБ банка, во кој четворицата обвинети ја признаа вината.