Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев вечерва одговори дека нема да има предвремени парламентарни избори зашто се знае каков резултат ќе донесат. Тој оцени дека Македонија денеска имаше кристално чисти избори и побара од ВМРО-ДПМНЕ да ја преиспита одлуката да не ги признае изборите.
„Ова е голема победа на граѓаните на Македонија, и им честитам на сите за денешниот празник на демократијата. Имавме фер и чисти избори. Имавме избори кои се слика за желбата на граѓаните, а резултатот беше очекуван за сите. Денеска граѓаните ја потврдија победата и уште еднаш се определија за поквалитетен живот за сите. СДСМ победи во голем број општини. Тоа за нас е доказ дека сме во вистинскиот правец, дека граѓаните сакаат земјава да биде дел од НАТО и ЕУ и второ дека одговорноста е на нас и нашите партнери“, истакна Заев.
На прашањето како го оценува барањето од лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски за предвремени парламентарни избори, Заев рече дека Македонија има многу поважни работи пред себе.
„Јас го разбирам чувството на поразениот и апелирам како и досега на одговорност. Во врска со парламентарните избори уште сега се знае резултатот. Македонија има многу пред себе што треба да сработи Затоа немам никаков коментар, освен дека нема ништо од она што беше прочитано на прес конфренцијата на Никола Груевски“, рече Заев.
Лидерот на СДСМ ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го преиспита својот став за непризнавање на изборниот процес, бидејќи, како што рече, тие знаат дека изборите минаа во целосно демократска атмосфера.
„Се надевам дека ќе изнајдете сили да се однесувате како одговорен политички субјект и ќе се вклучат и ќе дадат конструктивен придонес за реформите. Апелирам до раководството на ВМРО-ДПМНЕ во прв план да ги стави интересите на граѓаните“, порача Заев.
Запрашан од новинарите дали е за вонредни парламентарни избори, Заев одговори:
„Уште сега се знае каков резултат ќе имаат, но дефинитивно однесувањето после победи и еуфории е типично за нив. Земјава има многу за работење, затоа асполутно немам никаков коментар за вакви барања. Никој не го дели неговото мислење од тоа што тој го прочита. Изборите беа фер, кредибилни и кристално чисти. Мнозинството во Собранието ќе се зголемува, но тоа не значи преминување од една во друга партија. Но знам дека мнозинството за напредна Македонија ќе расте. Локалните и општините се многу важни, сега останува ние политичарите да им вратиме со добри дела на граѓаните. Ние немаме променети ставови. Локалните избори се многу различни од парламентарните. Ја поддржавме ДУИ, а Алијансата направи коалиција со Беса“, одговори Заев.