Екипата на Инфо Компас разговараше со новиот градоначалник на Крушево, Томе Христоски. Разговаравме за постојните проблеми, но и за идните проекти кои се во план за реализација, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните на Општина Крушево, но и за промоција и развој на Крушево на туристички и на спортски план.
Господине Христоски победивте уште во првиот круг, го победивте вашиот против-кандидат со 1500 гласови разлика. Пред Вас се големи предизвици, народот има големи очекувања. Еден од најгорчливите проблеми е „белата чума“, односно иселувањето на младите од Крушево и нивната невработеност. Кои се вашите планови за решавање на овој проблем?
Крушево се соочува со егзистенцијален проблем, односно иселувањето на своите граѓани, а посебно на младите. Изминатите осум години доста млади го напуштија родното место, а во последно време се иселуваат и цели фамилии. За мене е огромна чест да се биде градоначалник на Општина Крушево, меѓутоа и голема обврска. Во овие тешки времиња, пред нас стојат големи предизвици, Крушево кое е препознатливо по историјата, културата, спортот да го промовираме како во државата, така и надвор од неа.
Дали имате некои нови проекти со кои што би се решила невработеноста, на кои што ќе почнете да работите во најскоро време?
Во Крушево, односно во Крушевска Општина имаме индустриска зона, Опаленик, која моментално нема инфраструктура. Зборувам за канализација, водовод и електрична енергија. Сето тоа го имаме во програмата и мора да го реализираме. Имаме план, имаме екипа која сето тоа може да го спроведи.
Исто така, за да биде препознатливо и за да биде во 10-те најдобри светски дестинации во однос на спортскиот туризам, сакаме и имаме намера, имаме план да направиме нова инфраструктура на полетиштето кое се наоѓа на Мечкин Камен. Бидејќи во 2019 година се одржува светски куп за параглајдери, сакаме да изградиме канализациона мрежа, водоводна мрежа, електрична мрежа до самото полетиште, со што би привлекле странски туристи и вљубеници во екстремниот спорт како што се змаевите и парагладерите.
Во Општина Крушево се наоѓа и фабриката за преработка на масло од канабис. До каде е развојот на овој проект?
Стопанственикот „Фајв Летерс“, кој што е стопанственик од Америка, ја најави и ја реализира изградбата на фабриката и во план е да започне со работа наредната недела. Материјалите кои што ќе ги произведува и преработува фабриката, ќе бидат исклучиво за извоз, односно за странски пазар.
Дали имате некој друг проект што сакате да го најавите?
Имаме намера да ја реконструираме водоводната мрежа и канализационата мрежа во градот и населените места, бидејќи се наоѓаат во лоша состојба.
Водоводната мрежа е во доста лоша состојба. Крушево се соочува со недостиг на вода, што доста лошо се одразува и на туристичко поле. На кој начин би го решиле овој проблем со водоснабдувањето?
Преку реконструкција на постојната водоводна мрежа и преку превземање на изворите кои се наоѓаат на територијата помеѓу Крушево и Македонски Брод. Доколку ги придобиеме тие извори кон наша страна, проблемот со водоснабдување како за Крушево, така и за стопанствениците кои се наоѓаат во непосредна близина на Крушево ќе биде решен.
Функционирањето на пумпата со која што се качува водата во Крушево, бидејќи е високо планинско место, е скапо и нередовно, а изворите се многу мали. Дали имате можеби план за коп на нови бунари?
Да, секако. Значи ние мислиме за алтернативните бунари. Со ископ на повеќе извори, кои имаме интерес да ги прошириме, надоградиме и да ги поврзиме со постојната водоводна мрежа, се со цел населените места да добијат доволен притисок со вода за пиење и техничка вода.
Пред нас се наоѓа новата новата зимска сезона. Кои се вашите најави, што ќе превземете за да го вратиме Крушево на светската мапа, како еден од најдобрите центри на Балканот?
Од наредната недела ќе објавиме тендер за чистење на снегот. Значи да има паркиралишта, да се прошират постојните места за паркиралишта, за потоа преку привлекување на странски и домашни инвестиции да се подобри инфраструктурата. Да дојдат стопанственици кои имаат интерес да направат жирачи, ски лифтови и други пропратни работи, се со цел да се привлечат странски туристи и преку зимските спортови.
Дали можеби имате во план изградба на долго најавуваниот ски центар на Мусица?
Да, секако. Нашата цел е да го промовираме Крушево, не само во зимскиот период туку перманентно во целата година, бидејќи Крушево е препознатливо не само по зимскиот туризам, туку и по културата, историјата итн.
За крај, со што прво ќе се зафатите со работа, кои се вашите први проекти?
Првите проекти ќе бидат изградба на инфраструктура во индустриската зона Опаленик, а потоа наредно доаѓа изградба на локалните патишта како што е Стопанство – Норово, локалниот пат Лажани-Саждево-Јакреново-со крак према Борино. Исто така ќе иницираме мерки преку државните институции и фондовите за патишта за изградба на регионалните патишта Кривогаштани-Крушево, Крушево-Демир Хисар и Крушево Кичево.