Илон Маск за прв пат во јавноста објави фотографија од тунелот кој во Лос Анџелес го гради неговата компанија „The Boring Company“. Се планира тунелот да функционира како експресен пат, а моќните електрични ленти ќе пренесуваат возила и капсули за транспорт на луѓе со брзина до 200 километри на час.
„The Boring Company“ е основана како експериментален обид за овозможување на алтернативен градски превоз. Идејата на Маск е сообраќајот што ќе се одвива во подземните премини, да се реализира како транспорт на автомобилите користејќи електрична лента. Тоа е ефикасен и брз систем дизајниран исклучиво за автомобили.
Маск го одбра Лос Анџелес како локација за тестирање на идејата, поради близината на Хоторн, меѓутоа и поради тоа што градот е познат по страшните сообраќајни метежи. Целта на овој проект е да ги намали гужвите и времето на патување.
Претходно опремата и технологијата за копање, Маск ја тестираше под седиштето на неговата компанија „SpaceX“ во Хоторн, Калифорнија, како и во други делови од предградијата на Лос Анџелес, откако претходно „The Boring Company“ во август доби дозвола за градење од градските власти.