Македонија планира да го затвори конзулатот во Барселона

Facebook
Twitter
Email
Print

Владата на денешната седница ќе расправа за предлогот на Министерството за надворешни работи за затворање на почесниот конзулат на Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, заедно со предлогот за отповикување на почесниот конзул.

 

Ваквата најава се поклопува со превирањата за прогласувањето на независноста на Каталонија и укинувањето на нејзината автономија, што може да асоцира дека нашата Влада се приклонува на политиката на официјален Мадрид.

 

Сепак, одлуката за затворање на конзулатот и за отповикување на конзулот се поврзува и со крвавиот настан во Австралија кога австралиската полиција го уапси нашиот конзул Марио Деус, инаку со шпанско државјанство, поради убиство на своите две тригодишни деца. Настанот се случи во април годинава, а информациите од МНР тогаш беа дека ќе се чека на резултатите од истрагата пред да се излезе со став за настанот.

 

„Министерството за надворешни работи до владата ќе достави предлог за затворање на Почесниот конзулат на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, со предлог-одлука, како и предлог за отповикување на Почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона“, стои во соопштението од Влада.

 

Марио Сезар Деус е почесен конзул на Македонија во Барселона од 6 декември 2012 година. Тој не е дипломат од кариера, туку бизнисмен и е познат стоматолог во Барселона.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи