Седум казни доживотен затвор и 26 долгогодишни затворски казни за „Диво насеље“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Повеќе од две години по крвавите настани во кумановската населба „Диво насеље“, основниот суд Скопје 1 изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите, на 13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата.

 

Денешното рочиште помина во тензична атмосфера, со големо полициско обезбедување, внатре и пред комплексот судови во Скопје.

 

Од вкупно 37 обвинети во судницата пресудата ја слушнаа само четворица. Другите обвинети одлучија да го бојкотираат судењето и да излезат од судницата. Во почетокот на изрекувањето на пресудата, по појавувањето на судијката Верка Петковска, обвинетиот Шефкет Калачи стана, ја соблече блузата и се обрати со зборовите – за ова ќе одговарате сите и вие и јавниот обвинител.

 

Поголемиот дел од обвинетите одбија да влезат во судницата за време на читањето на пресудата, а оние кои останаа извикуваа пароли „УЧК, УЧК“ и ја пееја албанската химна. Обвинетите тврдеа дека не се виновни и дека „вистинските терористи се во парламент“.

 

По ова судијката Петковска со решение ги отстрани обвинетите од судницата.

 

По изрекувањето на пресудата судијката Петковска образложила дека обвинетите ќе треба солидарно да ги надоместат трошоците за спровод, за судски преведувачи и за обдукциите направени во Институтот за судска медицина.

 

Образложението на судијката по изрекувањето на пресудата беше дека доказите што ги понуди обвинителството покажале дека обвинетите што се прогласени за виновни ги сториле кривичните дела тероризам и терористичка организација, дека доказите јасно ги утврдуваат приликите поради кои обвинетите дошле во Македонија, начинот на кој тие влегле во земјава, како се засолниле и како во групи се обиделе да се префрлат во Диво Насеље во Куманово, каде што на 9 и 10 мај 20015 извршија терористички напад, во кој загинаа осум полицајци.

 

Адвокатот Насер Рауфи, бранител на дел од обвинетите, по завршувањето на рочиштето, рече дека тие како одбрана не очекувале коректни казни, но не очекувале ниту вакви драконски казни.

 

„Обвинителството сè уште не е реформирано. Со најавената меѓународна истрага, ќе докажеме дека овие луѓе се донесени овде за туѓи интереси. Сите бранители ќе поднесат жалба на пресудите за обвинетите. Има информации за докази со кои ќе се докаже дека ова е монтирано рочиште. Со меѓународна истрага ќе се реши овој случај. Тајните служби се тие што го измонтираа овој случај“, рече Рауифи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи