Книгата „Спомени“ на војводата Крсто Гермов – Шакир вечерва беше промовирана во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп. Издавач е Градската библиотека, а редактор е д-р Славчо Ковилоски. Инаку овие „Спомени“ на Крсто Гермов – Шакир се наоѓаат во архивот на Институтот за македонска национална историја, каде се чуваат како листови напишани на машина за куцање. Нив ги напишал соборниикот на Гермов Ангел Динев од Гевгелија, откако долго време го убедувал војводата да каже свое сведоштво за Македонското револуционерно движење. На промоцијата присуствуваше градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, потомци на семејството на Шакир војвода и голем број на граѓани.
„Постојат сознанија дека порано постоел и ракопис за овие спомени, но денес ракописот не постои, исчезнат е и не се знае што точно се случило со него. Но во целата таа несреќа се појавил неговиот соборец Ангел Динев од Гевгелија кој што долго време го убедувал Гермов за да ги остави своите спомени за Македонското револуционерно движење. Шакир долго време одбивал да ги раскаже своите спомени, бидејќи сметал дека нема што многу да каже, но по долги убедувања се одлучил за ова дело. Шакир во книгата се склонцентрирал на неколку точки од неговото револуционерно движење во Прилеп и Мариово. Тој е прилепско-мариовски војвода на Македонската револуционерна организација. Во спомените е дадена една прекрасна слика за мариовските предели, но и со богати етнографски материјали за животот на мариовците. Шакир постојано потенцира за нивното самородно македонско чувство“, истакна редакторот д-р Славчо Ковилоски.
Ковилоски нагласи дека во другиот дел од спомените Гермов се сконцентрирал на борбите со Грција и грчката пропаганда, судирите со нив и описи на борбите со Грците. Шакир прво бил уапсен, па потоа ослободен за време на Хуриетот.
„Од затворот во Битола потоа се враќа во Прилеп каде е пречекан како херој. После Хуриетот се случуваат Балканските војни, тој е активен учесник во нив. На крај спомените завршуваат со борбите на македонската емиграција во Бугарија. После 1919 година голем дел од македонските револуционери емигрираат во Бугарија и таму настанува една голема поделба помеѓу нив на социјалисти, федералисти, централисти, комплетен раскол на македонското револуционерно движење и Шакир до детали го опишува тоа“, додава Ковилоски.
Во 1924 година кога војводата неможел да го види излезот од тој македонски раскол се повлекол и тука завршуваат овие спомени прикажани во книгата.