Симнатите од власт каталонски функционери на регионалната влада добија повик да се појават во Врховниот суд на Шпанија пред кој се осомничени за побуна и заговор поради одржувањето на референдумот за независност на овој регион кој е прогласен за нелегален.
Вкупно 20 регионални политичари, вклучувајќи го и сменетиот каталонски лидер Карлес Пучдемон, се повикани да се појават на суд. Се работи за 13 членови на сменетиот каталонски кабинет и шест членови на парламентарниот одбор.
„Ова е политичко судење“, рече Пучдемон од Брисел.
Белгискиот адвокат Пол Бекерт, кој го застапува Пучдемон, изјави вчера дека сменетиот каталонски лидер треба да биде испрашан во Белгија, односно нема да се врати во Мадрид.
„Како што ми се чини, не гледам дека тој ќе се врати во следните неколку недели“, додаде Бекерт за ТВ мрежата ВТМ.
Пучдемон во вторникот од Брисел порача дека нема намера да бега пред правдата, но дека нема да се врати во Шпанија доколку не добие гаранции дека ќе има праведно судење.
Тој го обвини обвинителството дека ја поттикнува желбата за одмазда против него, а истовремено рече дека нема да бара политички азил во белгија, пренесуваат француските медиуми.
Во меѓувреме, соработниците на Карлос Пучдемон од поранешниот каталонски парламент сметаат дека неговата одлука да побегне во Белгија е неодговорна и дека ќе го извлечат подебелиот крај.
Како што пренесува британски „Телеграф“, Џоан Џосеп Нует, еден од шесттемина членови на одборот на парламентот кои се повикани на сослушување во Мадрид, рече дека однесувањето на Пучдемон ќе доведе до тоа сите кои се повикани на суд да бидат задржани зад решетки.
„Тоа е неодговорно. Таквиот став на претседателот Пучдемон ќе доведе до тоа сите кои ќе ги повикаат на суд да завршат во притвор бидејќи тој на некој начин покажува дека бегството е можност“, изјави Нует.