Најдоски : Изворите на „Бабуна“ се иднината на водоснабдувањето на Прилеп

Доајенот и основоположникот на архитектонската дејност во Прилеп, дипломираниот инжинер архитект Душко Најдоски е годинешниот добитник на наградата „3-ти Ноември“за животно дело. Најдоски е проектант на огромен број објекти во Прилеп, како што се објектот на „Комерцијална банка“, „Стоковната куќа“, „Деветтокатницата“, Основниот суд, СВР Прилеп, најголемиот дел од населбата „Точила“, стамбените комплекси на „Димо Наредникот“, голем број основни училишта во Прилеп, најголемиот дел од објектите на Тутунскиот комбинат, Сладарата и многу други.

 

Тој е иницијатор и за изградната на регионалниот водовод „Студенчица“, а исто така го нуди и трајното решение за решавање на проблемот со вода за Прилеп со искористување на изворите на реката Бабуна и изградба на вештачка акумулација на преминот „Барбарос“. Утврдено е дека басенот со вода на Бабуна е толку голем што има издашност од 8.000 литри вода во секунда и може да ги задоволи потребите со вода за 30% од населението во Македонија.

 

Инфо Компас направи интервју со Најдоски на повеќе теми од неговата дејност.

 

 

Г-дине Најдоски вие сте еден од иницијаторите за изградба на регионалниот водовод „Студенчица“. Кога и како започна неговата реализација и од каде на почетокот Прилеп се снабдуваше со вода?

 

Првата вода во Прилеп е донесена од Маркова чешма, два извори, месноста се вика Душници, потоа има извор на Леково и извор на крајот од Прилепското езеро. Потоа има друг извор на Пашоски ливади и извор од Оревоец. Овие беа изворите од кои Прилеп во тоа време се снабдуваше со вода.

 

Во 1975 година избушивме 12 бунари, а во 1981 година започна изградбата на регионалниот водовод „Студенчица“. Овој водовод можам да кажам дека од тогаш во Прилеп има донесено околу 400 милиони метри кубни вода. Тоа е колку 80 Прилепски езера. Сега се поставува прашањето ако ние ја немавме таа вода, дали овој град ќе постоеше. Но како и секој извор што има осцилации, така и „Студенчица“ ги има тие осцилации.

 

Изворот има 2 кризни периода, едниот е есенски почнува од октовмри и ноември и трае до првите дождови во декември и тоа ако ги има, ако не продолжува и во зимската сезона. Од месец март па се до јули издашноста на изворот студенчица расти, така што во месец мај таа достигнува од 5.000 литри во секунда. Системот „Студенчица“ за да работи нормално има потреба од континуирани 1.000 литри во секунда. На Прилеп му требаат 500 литри во секунда. ТЕЦ „Осломеј“ зема 160 литри, а другата количина се распоредува во Кичево, М. Брод и попатните села. Значи ние во 2000 година го осетивме првиот удар на таа намалена издашност од „Студенчица“. Тогаш издашноста на изворот падна под 400 литри во секунда.

 

Градоначалникот Пирганоски тогаш формираше Комисија за да се бара решение за случајот и таа Комисија тогаш реши дека е потребно итно надминување на проблемот и потоа да се најде трајно решение. Како ургентно решение се донесе одлука да се избушат нови 8 бунари, како и пречистителна станица која требаше да го зема остатокот на вода од вештачкото езеро, но јас сметав дека тоа не е добро решение бидејќи во тој период кога се јавуваат кризите акумулацијата е потполно празна.

 

 

Што се одлучи, каде е иднината на водоснабдувањето на Прилеп ?

 

Кога се одржа таа тркалезна маса ставот беше дека изворски води со капацитет од 1.000 литри вода во секунда не постојат, затоа мора да се бара решение во нова акумулација. Јас предложив изградба на акумулација „Барбарос“ со еден локалитет кој се вика „Полце“ тоа е природен локалитет со запремнина од 27.500 м3. И таа акумулација треба да се полни со водите од изворот на река Бабуна. Таа акумулација е на 500 метри од регионалниот водовод и таа акумулација може да се полни по пат на гравитација. Нејзината кота на дното е 910 м., а пак за да може да полни по пат на гравитација прекидна комора на „Студенчица“ е на 860 м. Така што водата од „Полце“ по пат на гравитација може да влези во регионалниот водовод „Студенчица“. Во „Полце“ може да се собираат и попатни води како од Стровија, Крапа и други помали рекички.

 

Тој проект треба да се изведува во 2 фази. Првата фаза ќе биде зафаќање на водите на река Бабуна и директно врзување во „Студенчица“. Таа вода многу ќе помогне за подобрување на капацитетот на „Студенчица“. Кризата на „Студенчица“ почнува во октомври и ноември, а на Бабуна кризата почнува во август, значи кога ќе започне кризата на „Студенчица“ на Бабуна кризата е прекината и тогаш имаме доволно количини на вода за снабдување на Прилеп. Но ние не може да направиме таков третман да го решаваме само проблемот на Прилеп. Ние треба да настапиме како заеднички проект за зголемување на капацитетот на регионалниот водовод „Студенчица“, така што ќе има доволно вода за сите населени места и за ТЕЦ „Осломеј“.

 

Топографијата покажува дека протокот на реката Бабуна неможе да се користи во друго населено место, освен во Прилеп и на водоводот „Студенчица“. По течение на река Бабуна има само околу 3.000 жители, нема големи земјоделски површини, така што нема да се одрази на ниту едно населено место ако ние за „Студенчица“ земеме околу 10 милиони кубни метри во текот на годината. А Бабуна варира во текот на годината од 500 до 8.000 литри вода во секунда. Значи имаме период почнувајќи од март за да ја полниме акумулацијата „Полце“ кога нема потреба од наводнување на вегетацијата. Така што неможе да има судир со населението кое ја користи за наводнување.

 

Во 1947 година хидролошкиот сојузен завод од Белград поставува мерна станица за да се мерат количините на реката Бабуна. Подоцна Републичкиот хидрометеролошки завод поставува уште 7 мерни места и од тогаш па се до денес, секој ден, се мерат водите на реката Бабуна. Максимумот на изворот е 8.000 литри вода во секудна, таа количина се постигнува во месец мај, кога има најголемо топење на снеговите. Изворот на Бабуна е на спојот помеѓу планините Јакупица и Даутица, под самиот врв Солунска глава. Изворот е на висина од 1.570 метри. Во поново време 2 меѓународни експедиции на хидро спелеолози го испитувале базенот на извориштето и утврдуваат дека од тука излегуваат три реки. Првата е Бабуна, втората Тополка, Велес ја искористи со изградба на акумулација Лисици и третата е алтернатива на изворот Рашче во Скопје. Значи тие експедиции потврдија дека количините на тој басен се толку големи што можат да го снабдат со вода 30% од населението во Македонија.

 

 

Освен проектирање на згради и објекти се занимававте и со проектирање на водоводот и канализацијата во Прилеп ?

 

Јас Прилеп го паметам само со неколку чешми, едната беше пред влезот на Могилата која ја викавме „Крстот“, потоа имаше уште една друга подолу, па кај турското училиште, сарачана, но најбитна беше чешмата кај Могилата.

 

Во 1953/54 година тргната е првата водоводна линија која водела по улицата „Кузман Јосифоски“, потоа по булеварот, пак кај банките и кон Тутунски Комбинат. Обратно од таму пак започна пуштањето на првата канализациона мрежа, помина пред банките, по булевар и се формира колектор за отпадни води. Во Прилеп имаше атмосферска канализација со поголем профил и беше поплитко закопана под земјата и фекална канализација закопана подлабоко, околу 3 метри под земја.

Основна грешка во Прилеп е направена бидејќи неконтролирано им се дозволуваше на луѓето фекалната канализација да ја приклучуваат на атмосферската бидејќи не сакаа да копаат подлабоко во земјата.

 

Кога започна поставувањето на канализационата мрежа во Прилеп ?

 

Кога се тргна првата линија од тогашна „Стопанска банка“, „Тутунски комбинат“ па надолу така се градеше и атмосферска канализација. Бидејќи дотогаш отпадната вода одеше по бразди. Тоа беше навистина една лоша слика за градот. Проектот за канализација на градот е направен 1974 година и тој полека се реализираше. Но јас сепак ќе повторам со приклучување на станбените згради со елиминирање на фекалните води е направена огромна грешка. Претпријатието „Комуналец“ тогаш ја препушти работата на граѓаните и кој како знаеше така се приклучуваше на мрежата. Најголем проблем според мене околу доцнењето на пречистителната станица е тоа што канализацијата во Прилеп не работи сепаративно, посебно атмосферска и посебно фекална канализација.

 

 

 

 

Кои се ваши објекти и комплекси кои ги проектиравте, кој  е првиот ваш објект  ?

 

Прв објект ми е деветто катницата со нискиот дел. Тоа е и прва кула во Македонија. Градена е во 60-тите години на минатиот век. Нејзината изградба одеше тешко бидејќи ја немавме таа механизација која постои денес. На пример подигнувањето на целиот градежен материјал беше со дигалка која функционираше рачно, односно целиот материјал го креваа работниците.

 

Потоа проектирав многу училишта во градот, општествени објекти, станбени згради на улицата „Димо Наредникот“, станбени комплекси покрај Дабнички канал, станбени згради во „Аличаир“, станбени згради и комплески во „Точила“. Во тоа време изградена се и станбени комплекси околу „Табана“, потоа пензионерската зграда наспроти хотел „Липа“, зграда кај поранешната телевизија Прилеп и уште многу, многу други објекти низ целиот град. Исто така мој проект е зградата на Основниот суд Прилеп, објектот на СВР Прилеп.

 

 

Кој проект Ви е најомилен ?

 

Најомилен ми е комплексот на зградии во населбата „Точила“.„Точила“ како урбанистички комплекс е работена за 20.000 жители со сите пропратни објекти, училишта, трговски центар, површини под зеленило, паркинг ростори и се она што е потребно за функционирање на едно современо живеење. Ова ми е најдраг проект бидејќи тука е вградено целото мое искуство, во смисла на обезбедување архитектонски квалитет, функционално решение на становите и ме радува тоа што жителите се задоволни.

 

 

Проектиравте и многу индустриски објекти ?

 

Да, особено сум горд и на објектите на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Кога започнав да работам таму имаше само два објекти, турскиот магацин и шутиот магацин кој го викаа така бидејќи немаше кров. Прво беше изграден приемниот дел, каде се прима тутунот, потоа манипулацијата, складиштата каде се чува тутунот, пред тоа заводот за ферментација на тутун и складиштата пред цигарната фабрика. Тоа се првите два големи магацини каде се носеше тутунот и од таму одеше во фабрикација. Од фабрикација тутунот се носеше во извозен магацин. Се изгради и новата амбуланта на Тутунскиот комбинат, како и прифатните складишта за суров тутун. Потоа се изгради новата фабрика за производство на цигари. Таа фабрика беше со капацитет за производство на 20.000 килограми цигари на годишно ниво, со што тогаш беше најголемата фабрика за цигари на Балканот.

 

Други поголеми индустриски објекти кои ги проектирав се ладилникот во Долнени и Сладарата. Федерацијата донесе закон дека нема повеќе да се произведува пиво од било што туку мора да се произведува од слад. И таа Сладара која беше проектирана тогаш требаше да ги задоволи потребите за слад од Белград па се до тука.

 

 

Како се чувствувате по добивањето на наградата „3-ти Ноември“ за животно дело ?

 

Ова за мене е посебно големо признавање и го добивам во најдобро време кога мојата проектантска дејност е завршена. За мене претставува награда за целокупното мое работење и затоа мене ми е особена драга и не само за мене туку тоа е и сатисфакција и за членовите на моето семејство кои на еден начин беа позапоставени бидејќи јас бев премногу вклучен во изработка на проекти, не само во Македонија туку и на просторот на цела Југославија, а роботев и во Турција. Така што можам да се пофалам дека низ сите републики во Црна Гора, во Далмација, Србија, БиХ, има мои дела. И инвеститорите, од оние кои се живи, сеуште ми се јавуваат и сеуште изразуваат задоволство од оние објекти кои се градени по мој проект.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи