Истражен судија во Белгија го пушти експремиерот на Каталонија, Карлес Пуџдемон, на условна слобода. Лидерот на сепаратистите не смее да ја напушти земјата.
Карлес Пуџдемон и четворица други уапсени поранешни каталонски министри биле сослушани вчера попладне од страна на истражен судија во Белгија, по што тој донесол одлука тие да бидат пуштени на условна слобода. Одлуката на судијата соодветствува на барањето на обвинителството. Со ослободувањето е поврзан условот сите петмина да останат во Белгија. Освен тоа, тие мора да наведат адреса на престој и да се јават на сите покани на судот и полицијата.
Белгиското правосудство сега има време од 15 дена да донесе одлука околумеѓународниот налог за апсење издаден од страна на Шпанија. Шпанскот правосудство ги товари каталонските политичари за бунт, немири и проневера на јавни финансиски средства.
За кревање бунт во Шпанија следуваат до 30 години затвор, за немири до 15 години. Сите петмина политичари вчера во придружба на адвокати се јавија во белгиски суд и изразија уверување дека правдата е на нивна страна. Белгиското правосудство, како што се вели, не познава кривично дело бунт и немир.
Пуџдемон претходно од непозната локација во Белгија упати повик до приврзаниците на идејата за независност на Каталонија да бидат единствени. Сите демократи мора да се обединат, напиша тој на Твитер. „За Каталонија, за слобода на политичките затвореници и за Република!“