Дваесет и шест годишниот Девин Патрик Кели, поранешен војник, за кого пријателите велат дека бил насилен кон своето семејство и бил атеист, е монструмот кој вчера уби 26 лица за време на богослужба баптистичка црква во градчето Садерленд Спрингс во американската сојузна држава Тексас.
Помеѓу убиените се верници од 5 до 72 години, меѓу кои и 14 годишната ќерка на пастирот на црквата.
Според медиумите, тој промовирал атеистички ставови преку социјалните мрежи. Кели бил избркан од американското Воено воздухопловство во 2014 година, откако двапати ги нападнал сопругата и детето. Полицијата соопшти дека напаѓачот бил пронајден мртов во соседна област.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој е на турнеја низ Азија, го опиша нападот како ужасен.
„Овој ужасен чин на зло се случи кога жртвите и нивните семејства биле на нивното место на света молитва. Не можеме да ги искажеме болката и тагата што сите ги чувствуваме и не можеме да почнеме да ги замислуваме страдањата на оние што ги изгубиле саканите“, рече Доналд Трамп
Убиецот вооружен со пушка влегол во црквата, опремен бил со панцир, очекувајќи дека ќе се соочи со вооружени граѓани или со полицијата.
Вооружени граѓани се обиделе да го застрелаат Кели, кој побегнал, но на крајот бил застрелан. Мотивите за нападот засега се непознати.
ФБИ и полицијата сметаат дека не е во прашање тероризам, туку за личност со ментални проблеми. Се смета дека масакрот во Садерленд Спрингс е најтешкото злосторство извршено во верски објект во САД, надминувајќи го убиството на девет верници во црква во Чарлстон во 2015 година.