ВИДЕО: Алармантна ситуацијата со водоснабдувањето во Прилеп

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска оствари средба со директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ на која се разговараше за надминување на проблемот со водоснабдувањето со кој се соочува Прилеп во последните неколку недели. На средбата беше потенцирано дека издашноста на изворот „Студенчица“ изнесува 510 литри вода во секунда, што е најниско ниво од изградбата на овој регионален водоводен систем.

 

 

„Последниве неколку недели недостасуваат доволни количини на вода во Прилеп и тоа граѓаните го чувствуваат. Во мојата предизборна кампања ветив, и тоа ќе биде мојата прва заложба за решавање на овој проблем. „Студенчица“ е главен извор на вода за овој град. Вчера бев во посета на јавното претпријатие „Студенчица“ и од страна на директорот бев информиран дека издашноста на изворот е само 510 литри во секунда, што е најмала издашност од неговото постоење. Ќе вложам максимални напори во иднина заедно со ЈКП „Водовод и Канализација“ за да во овие критични моменти граѓаните бидат задоволни и колку што имаме можност да направиме некои оптимални услови за да се подобри водоснабдувањето“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Градоначалникот на Јованоски додаде дека согласно хидролошката состојба во државата единствен начин за подобрување на водоснабдувањето во Прилеп е поправедна распределба на водата од „Студенчица“.

 

„Тоа е единственото ургентно решение во моментов и ако добро се менаџира можеме да очекуваме подобро водоснабдување во нашиот град. Јас ќе се заложам тоа да се спроведе, има можност протокот за Прилеп да се зголеми за некој процент повеќе, јас се надевам дека во иднина тоа ќе се реши и во Прилеп ќе доаѓаат барем 120 литри вода во секунда“, додаде Јованоски.

 

Директорот на на ЈКП „Водовод и Канализација“ Сашо Николоски истакна дека според последните информации од „Студенчица“ стигнувале околу 80 литри вода во секунда и вкупната количина моментално во Прилеп била 240 литри во секунда. Проблемот настанувал во викенд кога имало помал доток на вода од „Студенчица“, а потребите на граѓаните биле поголеми.

 

„За викенд стигнуваат само 30 до 40 литри вода во секунда, од наши извори имаме околу 150 литри, со тоа што во викенд потрошувачката кај граѓаните е од 360 до 400 литри во секунда, а нормално е 240 до 260 литри во секунда во работен ден. Ги подготвуваме сите бунари, ја подготвуваме препумпната станица за висока зона, доколку има потреба, а најверојатно ќе има, ќе бидат активирани и тие. Но тоа ќе биде за ублажување на ситуацијата, а во никој случај неможеме да зборуваме за целосно нормализирање. Во моментов се активни околу 20 бунари“, изјави Сашо Николоски, директор на на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

 

Николоски потенцираше дека според договорот кој е направен пред повеќе години 150 литри од „Студенчица“ требало да одат за ТЕЦ „Осломеј“, но засега тој немало да се активира, што било добро за Прилеп. Инаку според водостопанската согласност 30% од количините на „Студенчица“ требало да добива Прилеп, но засега тие договорени количини не стигнувале. Но според Николоски таа распределба не треба да остане само на хартија туку и технички да се спроведе, затоа што хендикепот на Прилеп бил тоа што е последен на регионалниот водовод.

 

„Мислиме дека и со овие 510 литри вода од „Студенчица“, ако добро се менаџира, и ако ние успееме да добиеме од нив околу 120 литри вода во секунда водоснабдувањето ќе се нормализира. Се прават мали редукции за да се снабди со вода населбата „Тризла“, но тоа трае само еден до два часа. Тогаш се намалува притисокот на населбата „Рид“ за да „Тризла“ добие вода“, додаде Николоски.

 

Николски потврди дека со проектот на КФБ банката за рехабилитација на водоводната мрежа загубите на вода се намалиле од 80% кои биле тогаш на под 50% кои ги имало сега. Доколку не се спровел тој проект сега Прилеп ќе трошел 450 литри вода во секунда, а не 250 како сега. Главниот проблем на Прилеп бил во високата зона кој единствено можел да биде снабден само со вода од „Студенчица“.

 

На новинарско прашање што ќе се превземе доколку се случи изворот „Студенчица“ да падне и под 500 литри вода во секунда, особено што доаѓа зима кога и потрошувачката на вода се зголемува Николски рече:

 

„Нови количини на вода во овој момент Прилеп нема. Може да се искористат само бунарите, но и тие веќе работат 5-6 месеци, ситуацијата е алармантна. Засега да бидеме реални нема некоја страшна криза каде градот останал без вода со часови и слично. Има нарушено водоснабдување, но без големи кризи. Доколку паднат ниски температури ќе се зголеми потрошувачката и тогаш може да дојде до такви проблеми. Неможам да дадам прогноза, се ќе зависи од временските услови како ќе се одвива ситуацијата. Засега не размислуваме за воведување на редукции иако е подготвен план за нив, доколку ситуацијата се влоши, што ќе се превземе понатаму граѓаните ќе бидат известени наредната недела“, истакна Николоски, кој исто така додаде дека квалитетот на водата за пиење во Прилеп секој ден се испитува и тој е добар.

 

На новинарско прашање за цената на водата беше одговорено дека од 01.01. 2018 година цената на водата ќе ја утврдува Регулаторна комисија која врз база на изготвен бизнис план од ЈКП „Водовод и Канализација“ во соработка со консултанти од ЕУ и Регулаторната комисија за енергетика, ќе ја одредува цената на водата. Дали ќе биде максималната понудена вредност или минималната ќе даде согласност Советот на Општината, но цената сепак ќе ја утврдува Регулаторна комисија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи