Саудиските принцови притворени во „Риц-Карлтон“

Facebook
Twitter
Email
Print

Најмалку 17 саудиски принцови и високи владини претставници беа уапсени во саботата откако крал Салман бин Абдул Азиз спроведе ненадејна чистка. Но уапсените не завршија во затвор или притвор.

 

Според Ројтерс, некои од уапсените се задржани во Риц-Карлтон хотелот со 5 ѕвезди во Ријад. Резервациските веб страни ги покажуваат 492-те соби во хотелот во саудиската престолнина како потполно недостапни до крајот на ноември. Во понеделникот, член на маркетингшкиот тим на Риц-Карлтон изјави дека ќе почнат со резервации дури од 1 декември.

 

Единаесет принцови, четворица министри и уште многумина влијателни Саудијци, со или без крвно сродство со кралот, се затвореници во луксузни апартмани наместо во ќелии зад решетки. Меѓу уапсените беа и милијардерот и бизнисмен – принцот Алвалид бин Талал (10-от најбогат човек на планетата), поранешниот шеф на кралскиот двор – Калед Ал-Туваиџри, и саудискиот медиски могул – Валид Ал-Ибрахим.

 

Така, Риц-Карлтон би можел да стане луксузен притвор за некои од најбогатите луѓе на Блискиот Исток. Притвор во кој меѓу хотелските соби има двособни кралски апартмани, а на располагање има и „спа центар за господа“, неколку врвни ресторани и 52 хектара градини.

 

Од полноќ во неделата почнале да пристигнуваат автобуси со принцови, министри и милионери, но во придружба од полицајци наместо од слуги и телохранители. До изгрејсонце пристигнале повеќе од 30 функционери обвинети за корупција од новата комисија, на чие чело беше поставен престолонаследникот Мохамед бин Салман.

 

Во истиот хотел престојуваше и Доналд Трамп во улога на американски претседател при посетата на саудиското кралство во мај. Тогаш неговиот портрет беше проектиран на фасадата на хотелот.

 

Но, зошто во луксузен хотел? Причината за ваквиот потег лежи во друштвените норми во племенски поврзаната Саудиска Арабија, според кои навредувањето на семејните главешини и постарите членови има тешки последици. Современото саудиско царство отсекогаш имало водство избрано со консензус меѓу различните, понекогаш и конкурентски членови на кралската лоза, сите со потекло од основачот Абдулазиз ал-Сауд, познат и како Ибн Сауд.

 

Затоа, понижувањето на членовите на кралското семејство може да има далекусежни последици. Секоја навреда или дело кое така би можело да се протолкува носи потенцијал да ги прекине меѓуплеменските врски кои се во основата на саудиското општество. Високопозиционираните членови на племето, кои до пред неколку дена беа дел од составот, го помагаа одржувањето на кралот на власт. Кога би биле ставени во затвор, кралот веќе не би можел да се потпре на лојалноста на сите членови на семејството, што веројатно ќе значи и крај на неговото владеење.

 

Затоа за обвинетите е избран „достоинствен компромис“ – да престојуваат во престижен хотел како принцови, а да бидат заклучени против својата волја како затвореници.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи