Синдикатот на „Фени” бара да нема прекин во работниот однос на вработените

Facebook
Twitter
Email
Print

Вработените во „Фени“ денес го радикализираа штрајкот и 850 работници излегоа на протест во дворот на фабриката и пред институциите и банките. Околу 100-тина вработени пак од 10 до 12 часот го блокираа патниот правец Прилеп-Градско. Тие не се согласни фабриката да оди во стечај. Претседателот на синдикатот, Ѓоре Палитов, вели дека преку штрајкот бараат исполнување на три основни барања.

 

„Нашето главно барање е фабриката да не оди во стечај, банките да го повлечат предлогот за стечај, бараме платите да ни се исплаќаат во целост и до продажбата на фабриката сите да имаат статус вработени во нашата компанија“, рече Палитов.

 

Димчо Убавков, член на Извршниот одбор на Синдикалната организација, соопшти дека преговараат со вицепремиерот Анѓушев и со банките и дека доколку не дојдат до заедничко решение ќе продолжат со штрајкот.

 

„Имаме сега екипа во Скопје на преговарање со вицепремиерот Кочо Анѓушев и со банките. Ако има нешто позитивно ќе се реши ситуацијата, ако не утре пак си продолжуваме со штрајк. Сега нас ни е најбитно, оти цената е 13.000 за тон никел, а ние не работиме и сме на улицата. Бараме вицепремиерот да преземе повеќе обврски за ние да не останеме на улица“, нагласи Убавков.

 

Поради долг од 40 милиони евра кон нив, банките предложија стечај за „Фени“, а фабриката има и долг кон другите доверители од 20 милиони евра. Рочиштето на кое ќе се разгледува можноста да биде отворен стечај за „Фени“ е закажано за 13 ноември.

 

Привремениот стечаен управник, пак, Мирослав Анастасиевски, утрово соопшти дека веќе се утврдени слабо менаџирање и лоши деловни одлуки во фабриката.

 

„Сакам да ве известам дека во финална фаза е подготовката на извештајот за спроведена претходна постапка, кој ќе биде поднесен до Основниот Суд Велес. Од направените анализи се препознава компанија која е западната во тешка финансиска состојба како резултат на слабо менаџирање и лоши деловни одлуки. ‘Фени индустри’ АД има добар бизнис-потенцијал, а отворањето стечајна постапка во овој момент е единствен начин за зачувување на имотот, спречување на настанување штети и изнаоѓање најбрзо можно решение за рестартирање и ангажирање на вработените во одржување на технолошкиот минимум, со изнаоѓање нов стратешки инвеститор и брз премин кон нормално функционирање“, соопшти привремениот стечаен управник.

 

Директорот Јусуф Миракхмедов и раководството на фабриката добија кривична пријава од малцинскиот сопственик на „Фени“, а против Миракхмедов кривична пријава поднесе и Управата за финансиска полиција.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи