Радиоактивниот облак над Европа минативе недели навестува дека дошло до несреќа во нуклеарен објект во Русија или Казахстан кон крајот на септември, соопштил денес Францускиот институт за нуклеарна безбедност “IRSN” (IRSN -Institut de radioprotection et de sûreté nucléaire).
„Облакот од радиоактивно загадување над Европа во последните неколку седмици укажува дека во последната седмица од септември се случила нуклеарна несреќа во некоја од нуклеарните постројки во Русија или Казахстан“ објави „IRSN“
„IRSN“ ја исклучил можноста несреќата да се случила во нуклеарен реактор, наведувајќи дека веројатно станува збор за објект за третман на нуклеарно гориво или центар за радиоактивна медицина. Институтот нагласува дека не дошло до влијание врз човековото здравје или окружение во Европа, пренесува Ројтерс.
Институтот во соопштението наведува дека не можел точно да ја одреди локацијата на ослободувањето на радиоактивен материјал, но дека, на основа на метеоролошките податоци, најверојатно се работи за област јужно од планината Урал, меѓу Урал и Волга. Податоците, додава институтот, укажуваат на Русија или Казахстан.
“Руските власти рекоа дека не се известени дека дошло до несреќа на нивна територија”, рекол директорот на „IRSN“ Жан Марк Перес.
Тој додал дека институтот уште не стапил во контакт со казахстанските власти.
Освен IRSN, и неколку други институции за нуклеарна сигурност во Европа регистрирале високи концентрации на рутениум 106. Од францускиот Институт проценуваат дека количината на ослободениот рутениум е голема, и истакнуваат дека во случај на инцидент со идентична магнитуда во Франција, би била потребна евакуација на населнието во радиус од неколку километри.