Словенечкиот претседател Борут Пахор во вториот круг од претседателските избори доби преку 53 проценти од гласовите и останува уште пет години на чело на државата.
По пребројувањето на повеќе од 93 проценти од гласачките ливчиња, Државната изборна комисија соопшти дека Пахор освоил повеќе од 53 насто, додека неговиот предизвикувач, социјалдемократот Марјан Шарец добил 47 проценти од гласовите. Шарец го призна поразот и му честиташе на старо-новиот шеф на државата.
Поранешниот лидер на партијата на Социјални Демократи, кој е дипломиран политолог и кој кариерата ја почна уште кога Словенија беше дел од Југославија, пред да биде избран за претседател во декември 2012 година, беше претседател на парламентот, европратеник како и премиер од 2008 до 2012 година.
На овие избори Пахор настапи како независен кандидат.