За време на состанокот во Брисел министрите за надворешни работи на земјите од Европската унија го одобрија наметнувањето економски санкции за Венецуела, вклучувајќи и ембарго за оружје, пренесе Ројтерс.
Санкциите доаѓаат како реакција на политичките превирања во Венецуела, кои траат со месеци, а се влошија по обидот на претседателот Николас Мадуро, кој загуби на изборите во 2015 година, да ја консолидира својата моќ, заобиколувајќи ја контролата на опозицијата во Националното собрание и да конституира ново Уставвно собрание.
„Сè што правиме е со цел да се бара дијалог помеѓу владата и опозицијата за да се најде демократско и мирно решение“, изјави за новинарите шпанскиот министер за надворешни работи, Алфонсо Дастис по состанокот во Брисел со колегите.
Освен ембаргото за оружје, одлуката на ЕУ вклучува и поставување на законска рамка за казнување на поединци со забрана за патување и замрзнување на средствата, ако е потребно.
Заедничка изјава на сите 28 министри на ЕУ вели дека правната основа за индивидуални забрани за патување во земји на ЕУ и замрзнување на сите средства во блокот ќе се користи во фази и флексибилно и може да бидат продолжени последователно. Во соопштението, исто така, се наведува дека регионалните избори од 15 октомври во Венецуела се пресвртница која ја зајакнала позицијата на ЕУ поради повеќекратните неправилности.
„Овие мерки се дизајнирани да не му наштетат на населението на Венецуела, ЕУ сака да ја намали нивната мака“, велат од Брисел.
Министрите на ЕУ во подоцнежна фаза ќе одлучат за дополнителни санкции, но од сега е јасно дека нивното внимание ќе биде насочено кон безбедносните сили, министрите и институциите, обвинети за кршење на човековите права и „неуспехот да се почитуваат демократските принципи или владеењето на правото“