Завршија спасувачките операции по разорниот земјотрес во Иран, настрадаа над 450 луѓе

Facebook
Twitter
Email
Print

Запрени се спасувачките операции во иранските региони кои беа разурнати од потресот од 7.3 рихтери во кој настрадаа над 450 луѓе, а над 7000 се повредени. Жртви и повредени има и во Ирак. Околу 200 последователни земјотреси го погодија регионот.

 

„Спасувачката операција во западната провинција Кераманшах е завршена“, изјави шефот на иранската служба за вонредни ситуации, Пир-Хосеин Коливанд.

 

Властите соопштија дека шансите да се најдат преживеани се многу мали. Владата прогласи ден на жалост по катастрофата.

 

Десетици илјади Иранци кои мора да живеат во шатори или на отворено по катастрофалниот земјотрес во неделата, очајнички молат за помош. Иранската влада прави напори да достави помош во најтешко погодената провинција Керманшах, тоа не е доволно, оти изминатата ноќ беше втората едноподруго со температури под нулата.

 

„Живееме во шатор и нема доволно храна и вода. Студи, децата плачат. Се залепуваат за родителите за да се стоплат“, вели 42-годишниот Али Гулани од селото Каср е Ширин.

 

Мансуре Багери, иранска официјална претставничка на Црвената полумесечина, за Би-Би-Си изјави дека околу 12.000 станбени објекти “целосно се разурнати”.

 

„Новоизградените згради добро се држеа, но старите куќи изградени со земја беа целосно уништени“, изјави енерал-мајорот Мохамед Али Џафари, шеф на елитната Исламска револуционерна гарда, кој истакна дека Иран има итна потреба од шатори, храна и вода.

 

Земјотресот бил почувствуван и во неколку други земји во регионот. Иран е една од државите со највисока сеизмичка активност бидејќи 90 % од територијата лежат врз пресек на неколку тектонски плочи.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи