Пет лица загинаа, а четири се исчезнати во поплавите кои синоќа ја зафатија Грција во близина на Атина.
Поради поплавите затворени се и повеќе училишта, а многу луѓе се заглавени во своите домови и автомобили.
Патиштата во Неа Перамос, кој се наоѓа на 27 километри западно од Атина, се претворени во реки од кал, а во исто време градоначалникот Григорис Стамулис за телевизијата Антена изјави дека „практично целиот град е поплавен“.
Тој додаде дека во тек се спасувачки операции за извлекување на луѓе кои се залавени во нивните автомобили и домови, додавајќи дека верува оти никој не е во животно загрозувачка опасност.
Во меѓувреме се спасени 12 луѓе од автобус кој бил заглавен на мост.
Грчките телевизии емитуваат снимки од луѓе кои од поплавата избегале на балконите и крововите од своите домови, додека властите добиле 160 повици за помош.
Грција вчера прогласи вонредна состојба на островот Сими кој беше зафатен од бура поради која беше прекината струјата и водата, многу домови беа поплавени, и голем број возила завршија во морето.