Во САД уапсени повеќе од 200 припадници на опасна криминална банда

Facebook
Twitter
Email
Print

Повеќе од 200 лица за кои постои сомнение дека се членови на бандата „Мара Салватруча“ (МС-13), позната по своите насилни методи, се уапсени во полициска операција спроведена ширум САД, соопштија федералните власти.

 

Повеќе од половина од 214-те уапсени се товарат за кршење на имиграцискиот закон, а 93 за убиство, разбојништво и криумчарење дрога.

 

Официјални лица од Агенцијата за имиграција и царина (ICE) за новинарите изјавиле дека операцијата, која траела од 8 октомври до 11 ноември годинава, претставувала втора фаза од активностите во рамки на кои претходно биле спроведени 53 апсења во Ел Салвадор.

 

„Не сме готови. Нема да завршиме додека целосно не ја уништиме оваа организација. Претседателот на САД го стави тоа како приоритет, а од ICE ќе добие целосна поддршка за тоа“, изјави за медиумите заменик-директорот на ICE, Том Хомен.

 

Салвадорската банда МС-13, има повеќе од 10.000 членови и е една од најнасилните во земјата. Формирана е во 80-те години со цел заштита на салвадорските доселеници од ривалските банди во Лос Анџелес, а подоцна прерасна во прекугранична криминална организација.

 

„Со повеќе од 10.000 членови во 40 земји, МС-13 е една од најопасните криминални организации во САД“, наведува во соопштение американскиот министер за правда Џеф Сешнс

 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, вети дека ќе се справи со криминалните банди, особено со МС-13 и членовите на бандата ги нарече „животни“ и „насилници“.

 

Од вкупно 214 уапсени, 16 се американски државјани, а 198 се државјани на други земји, пренесуваат претставниците на ICE.

 

Во септември, американското Министерството за правда и властите во Ел Салвадор, Гватемала и Хондурас најавија кривични пријави против повеќе од 3.800 членови на две банди, од кои 70 лица биле регистрирани во шест сојузни американски држави.

 

Трамп обвини дека имиграционите политики на администрацијата на Обама дозволиле членови на банди нелегално да влегуваат во САД, како малолетници без придружба.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи