ВИДЕО : Македонците во Албанија под силна бугарска пропаганда – Македонија само нем набљудувач

Македонците во Албанија се наоѓаат под засилена бугарска пропаганда, а македонската држава само немо набљудува и не превзема никави чекори. Ова беа главните тврдења кои се изнесоа на денешната научна трибина „Македонците во Албанија, искуства и предизвици“, која се организираше во Прилеп. Организатор на беше ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.

 

Во октомври албанскиот парламент изгласа закон со кој се признава постоење и на бугарско малцинство во Албанија и од тогаш започнале поголемите проблеми за Македонците.

 

 

„Македонците во Бугарија се наоѓаат под засилена бугарска пропаганда, пред еден месец албанскиот парламент го усвои законот за мацинствата каде под притисок на Бугарија со закана од вето го вметна и бугарското малцинство, малцинство кое не постои, но Бугарите претендираат на македонските области, каде живее исклучиво македонско население. Бугарите велат дека тие се Бугари. Сето ова е на штета на Македонците и Македонците се оставени сами да се борат со оваа пропаганда немаме никаква помош ниту реакција од македонските институции, за жал. Ние праќаме апел до сите македонски институции и политичари да не го остават празен просторот бидејќи тој простор ќе го пополни Бугарија. Потребна е итна интервенција бидејќи следен чекор на Бугарија ќе биде негирање на македонското малцинство и барање за постоење само на бугарско малцинство во Гора, Голо Брдо и Преспа“, рече Васил Стерјоски, генерален секретар на партијата Македонска алијанса за европска интерграциија.

 

Македонците во Албанија велат дека таму нема воопшто Бугари, туку дел од населението имало бугарски пасоши поради економски интерес за одење на печалба во европските држави.

 

„Кај нас нема Бугари, во Преспа сите се Македонци, од економски интереси се вадат бугарски пасоши за работа во странство. Бараме од државата Македонија да ни даде поголема поддршка бидејќи во последно време е паднат интересот за малцинството во Албанија“, кажа Цветко Китани наставник во училиштето во Пустец.

 

„Ние во Голо Брдо живееме 22 села чисто Македонци, животот е многу тежок, патиштата сеуште не се асфалтирани, еве граничниот премин дури сега што го отворија почнавме некако да се поврзуваме со светот. Македонија треба нас да не поддржи, треба повеќе да се работи со Македонците за да не им се дозволи на Бугарите така да влијаат врз луѓето. Кај нас нема Бугари се вадат пасоши само за да луѓето работат во странство“, истакна Или Халилај, претседател на македонското друштво „Илинден“ од Голо Брдо.

 

 

Од Институтот за старословенска култура – Прилеп и експертите кои во последниот период работеле на оваа проблематика велат дека е потребна поголема ангажираност на македонските институции.

 

„Со оглед на молкот на државните институции во државава и амбасадата на Македонија во Р. Албанија ние како Јавна научна установа, со висок национален и стратешки интерес решивме да организираме настан во кој што точно ќе ги отворииме прашањата кои се искуствата и кои се предизвиците со кои се соочуваат Македонците во Албанија. И да упатиме јавен повик до институциите особено до нашето ресорно Министерство за образование и наука да ни подадат рака да финансираат научно-истражувачки проекти и да можеме да градиме млад кадар“, истакна Ели Луческа, директор на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.

 

„Македонциите во Албанија треба да добијат внимание од државата преку финансирање на научни проекти, преку ангажирање на нашите научни кадри во создавање на кадар кој што доаѓа во Македонија од Албанија, но и треба потоа да се врати во Албанија за да предава таму. Од друга страна треба да се подигне лекторатот во Тиранскиот Универзитет на ниво на катедра за македонски јазик и слично. Политиката треба да сфати дека со апстиненцијата не и прави услуга на македонската заедница во Албанија“, истакна проф. Катерина Тодороска, научен советник во Институтот за национална историја.

 

На трибината присуствуваше и Митрополитот Преспанско – Пелагониски Г. Петар кој ги повика Македонците да не ја забораваат Македонија и да ги издржат овие притисоци.

 

„Во верата ги упативме скоро сите, крстени се повеќе од 5.000 Македонци во Мала Преспа, направивме цркви за нив, даваме помош од Епархијата, 13 деца школувавме од таму во Богословијата, од нив 11 останаа тука, а 2 се вратија назад. Едниот како свештеник, а другиот како вероучител. Можам да кажам, дека никогаш таму немало Бугари“, истакна Митрополит Преспанско – Пелагониски Г. Петар.

 

Пред присутните беше проектиран и документарен филм – „Македонците во Албанија“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи