Илјадници граѓани на Зимбабве ги преплавија улиците на главниот град Хараре мавтајќи со националното знаме и со песна го чекаат падот на претседателот, Робер Мугабе, кој е во куќен притвор.
Радосните демонстранти го наполнија центарот на градот, некои носејќи знамиња на Зимбабме, а други со транспаренти со слогани како „Мугабе мора да си замине од Зимбабве“ и „Боб не е наш вујко“. На улиците владее весела атмосфера и измешани се бели и црни демонстранти.
„Сакаме ново Зимбабве. Сакаме сите да се обединат и да си ја вратиме назад нашата земја“, изјави 50-годишната Тина, која маршира со ќерка си, завиткнана во националното знаме.
„Тука сме затоа што славиме. Само сакаме Мугабе да си замине. Им благодариме на генералите. Ова е нов ден на независноста“, вели 35-годишниот Шадрак, кој кажа дека е невработен.
„Ова се солзи радосници. Целиот живот го чекав овој ден. Конечно сме слободни“, изјави 34-годишниот, Френк Муциндикв.
Армијата соопшти дека го дозволува собирот, но апелираше демонстрантите да останат мирни. Војската ја презеде власта во пуч без насилство во средата и го приведе 93-годишниот Мугабе и дел од неговите најблиски соработници. Мугабе беше на власт во Зимбабве речиси 4 децении.
Најстариот претседател на светот побарал повеќе време за да почне со преговорите за да може достоинствено да се повлече од власт. Демонстрантите се надеваат дека ќе го забрзаат официјалниот крај на владеењето на Мугабе, поради колапсот на економијата која некогаш беше меѓу најмоќните во Африка.