Хан: Фокус на реформските приоритети за преговори со ЕУ, законот за јазици не е приоритет

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Постигнавме многу, но сега е важно да се истрча последниот километар или половина километар за да се заврши овој маратон, изјави денеска еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во Скопје.

 

Тој рече дека очигледно е дека има промени во земјата, поради, како што рече, изменетата политичка средина, укажувајќи на големиот наредок во развојот како земја и дека Македонија е пример за регионот.

 

„Има промени во земјата кон напредок, служите како пример во регионот. Се надеваме дека на почетокот од следната година ќе се овозможат услови за позитивна препорака за следниот чекор во преговорите. Сега сме повеќе сигурни од минатото дека нашите држави членки ќе дадат одобрување за ваква препорака. Работите одат во добра насока, но треба уште да се работи. Реформи на разузнавчките служби, судството, администрацијата, потребни се конкретни резултати“, истакна Хан.

 

Одговарајќи на прашање за Законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура, Хан и порача на Владата дека не е приоритетен и не е од национален интерес. Наместо тоа, рече тој, Владата треба да се фокусира на реформските приоритети кои се услов за преговори со ЕУ.

 

„Мислам дека ова е разумно барање, но како што кажав и во билатералните разговори денеска, мислам дека властите треба да направат приоритет, да ги определат како приоритетни оние области каде што ќе добијат позитивни оценки. Ако се усвои законот за јазик во следните неколку недели, врз основа на препораките од Венеција комисија тоа е во ред, меѓутоа е важно Владата и другите фактори во земјата да се фокусираат на законите и условите релевантни за добивање позитивна препорака. Законот за јазици не е дел од она што е договорено во овој контекст. Во Брисел се залагаме за тоа. Приоритетите треба да се дефинираат според националните интереси“, рече Хан.

 

Еврокомесарот испрати порака и до опозицијата, дека треба да биде конструктивна во исполнување на националните интерси. И порача и дека не е наивен.

 

„Важно е и опозицијата да ја одигра својата улога и да биде одговорна. Не сум наивен иако се трудам да ја зачувам наивноста. Ако евроатланската перспектива е цел од национално значење и ако е тоа национален интерес, очигледно е дека целта може да се постигне доколку сите одат во ист правец. Затоа сите опозициски партии ги потикнувам да ја одиграат својата улога. Нивната улога е да бидат дополнително критични, но и конструктивни за да се постигнат сите рокови и датуми со цел да се постигне потребниот напредок“, порача тој.

 

Очекувам мојата земја да стане полноправна членка на Европската унија пред 2020 година, но тоа е моја желба, и ќе зависи од тоа колку ќе ги исполниме условите, изјави премиерот, Зоран Заев.

 

„Ако ги подобриме тие перформанси верувам дека ЕУ ќе биде позитивна во делот на проширувањето. Но тоа зависи и од економските услови. Зајакнување на стандардот на македонските граѓани меѓу другото ќе значи и брзо приближување на Македонија кон ЕУ. Ние сме далеку на понизок стандард на живот“, рече Заев.

 

Заев нагласи дека домашните реформски иницијативи и активности во надворешната политика никогаш не биле подинамични и оти интензивно се работи на подобрување на односите со сите соседи, вклучувајќи ја и Грција со која забрзано и заеднички се работи на решавање на проблемот.

 

„Затоа очекуваме со право РМ да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ најавена да биде соопштена во февруари наредната година. Очекуваме да добиеме чиста препорака за влез во ЕУ и датум за претпристапни преговори на ЕУ со РМ. Ние ќе испорачаме резултати затоа што овие реформи пред се се за наше добро, но во исто време очекуваме нивно соодветно вреднување од европските институции. Време е во многу блиска иднина да се направи неопходен исчекор и РМ целосно да биде извлечена од долгогодишната криза и со европскиот ветер во грбот да ја заокружи својата визија за модерна, економски напредна и респектирана држава. Заеднички РМ, државите од регионот и ЕУ да го зграбиме моментот за доброто на сите граѓани“, изјави Заев.

 

Во врска со најавата за стратегијата на ЕУ за Западен Балкан,  Хан посочи дека во стратешки документ ќе бидат вклучени сите шест земји од Западен Балкан во насока на нивната перспектива за добивање полноправно членство во ЕУ, меѓу нив и Македонија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи