Канцеларката на Германија, Ангела Меркел, синоќа изрази жалење поради тоа што пропаднале обидите за формирање на Влада и формираење на т.н. коалиција „Јамајка“. Таа изјави дека денеска ќе се сретне со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер кого ќе го информира дека не успеала да се договори за владејачка коалиција со Слободните демократи и Зелените.
Одлуката на Меркел да се сретне со шефот на државата, кој има надлежност да свика нови избори, веројатно е знак дека таа нема да се обиде да предводи малцинска влада со Зелените.
Претходно лидерот на Слободните демократи, Кристијан Линднер изјави дека тие се повлекуваат од преговорите, нагласувајќи дека „подобро е да не се владее, отколку да се владее лошо“.
Исто така и лидерот на Социјалдемократска партија на Германија (СПД), Мартин Шулц, синоќа потврди дека неговата партија нема да учествува во нова широка коалиција со блокот на Христијанско демократската унија и Христијанско социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ).
„Избирачите ја отфрлија широката коалиција“, изјави Шулц на регионална партиска конференција во Нирнберг, пред да биде објавено дека не успеаја преговорите за формирање на т.н. „Јамајка“ коалиција меѓу ЦДУ/ЦСУ, Слободната демократска партија (ФДП) и Зелените.
Шулц во петокот рече дека ако преговорите не успеат, треба да се одржат нови избори.
По парламентарните избори во Германија на 24 септември, СПД, која сега е дел од големата коалиција со ЦДУ/ЦСУ, соопшти дека ќе премине во опозиција.