Почина озлогласениот Чарлс Менсон

Facebook
Twitter
Email
Print

Озлогласениот американски лидер на култ, Чарлс Менсон, почина на 83-годишна возраст, по речиси половина век во затвор. Тој беше осуден за организирање на убиството на седум луѓе.

 

Чарлс Менсон, озлогласениот лидер на секта, кој им наредуваше на своите следбеници да извршуваат убиства, почина во болница на 83 години. Претходно месецов тој беше префрлен во болницата Бакерсфелд а затворските власти соопштија дека тој починал доцна синоќа од природна смрт во болницата во Калифорнија.

 

Собирајќи млади следбеници во доцните 1960-ти, Менсон тврдеше дека верува дека во Америка претстои расна војна. Тој планираше да ја забрза војната и да се појави како лидер на новиот општествен поредок – визија што ја нарече „Хелтер скелтер“, по песната на Битлси, со која Менсон беше опседнат.

 

Припадниците на сектата на Менсон, познати како „семејството Менсон“, убија 7 лица во 1969 година. Меѓу жртвите на овој крвав поход беше и актерката Шерон Тејт, сопруга на режисерот Роман Полански, која беше во поодмината бременост. Обвинителите тврдеа дека целта им била за тоа да бидат обвинети Афро-Американци со надеж дека тоа ќе предизвика расна војна во САД.

 

Тој убеди одреден број од своите следбеници дека е реинкарнација на Исус Хритос, користејќи комбинација од дроги и харизма со кои членовите на „семејството“, поголемиот број жени од средната класа, ги доведе под своја контрола.

 

Менсон никого не убил лично, но им наредил на неговите следбеници да ги извршат убиствата. Сепак, во 1971 година тој беше осуден на смрт за убиствата. Калифорнија ја укина смртната казна пред тој да биде погубен, па казната му беше преиначена во доживотен затвор.

 

За време на судењето Менсон тврдеше дека е невин, а дека самото општество е виновно.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи