Хан: ЕУ со 37,5 милиони евра дава поддршка за вработувањето, социјалната инклузија и образованието

Facebook
Twitter
Email
Print

Еврокомесарот Јоханес Хан утринава се возеше со автобус од ЕУ инфо центарот до Агенцијата за вработување и назад за промоција на кампањата на ЕУ „Верувам во тебе, вложувам во тебе, ЕУ за тебе“ од 37, 5 милиони евра за унапредување на состојбите во образованието, вработувањето и социјалната инклузија.

 

Во рамките на кампањата, Хан им се обрати на корисниците на проектот „Вработување на младите“. Покрај Хан, на промоцијата присуствуваа и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министрите за труд и социјална политика и за финансии Мила Царовска и Драган Тевдовски како и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

 

Кампањата се однесува на трите поддржани сектори, финансирани од ИПА Оперативната програма за човечки ресурси 2007-2013.

 

„Во земјава досега бев многу пати за да помогнам во справување со политичката криза, но во моментов сум особено задоволен што сега можеме нашето внимание да го тргнеме од кризни прашања и да се посветиме на активности, кои се насочени кон иднината. Постепено се враќаме во нормала. Ова е мошне добро за земјата, бидејќи сега може да се фокусира на посуштински работи, а тоа подразбира да се работи во служба за граѓаните, да им се овозможи да се квалифицираат, да се вработат“, нагласи Хан.

 

Министерот за финансии Драган Тевдоски истакна дека над 1 милијарда денари се одвоени од буџетот за 2018 година за активни мерки за вработување, што претставува највисока сума досега.

 

„Во предлог буџетот за 2018 година се планира скоро 1 милијарда денари за активни мерки за вработување, што е значајно повеќе во споредба со просекот од претходните години. Активните мерки за вработување се добар пример за комплементарноста на политиките на ЕУ и националните политики на владата на РМ“, изјави Тевдоски

 

Граѓаните ја знаат алармантната состојба со сиромаштијата. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска уверува дека решението на горчливиот проблем е високо на владината агенда.

 

Хан додаде дека со оваа кампања всушност ЕУ покажува дека има цврста верба во иднината на Македонија, а со неа освен што ќе им се помогне на луѓето во земјава, ќе се спречи и одливот на мозоци во другите делови во Унијата.  Досега 13 000 корисници добиле бенефит од европските пари.

 

Тој изрази благодарност на Владата поради соработката во оваа сфера, но им се заблагодари и на невладините организации, напоменувајќи дека тие всушност се мошне важни за едно општество да биде витално и активно.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи