Операцијата за пронаоѓање на аргентинската воена подморница „Сан Хуан“, која исчезна во јужниот дел на Атлантикот, трае цела недела и стигна до „критична фаза“, со оглед на тоа што 44-члениот екипаж можеби веќе се соочува со недостиг на кислород, соопшти портпаролот на Воената морнарица на Аргентина, Енрике Балби.
Тој повтори дека „Сан Хуан“ ја бараат десетици авиони и бродови од 12 земји, меѓу кои и Аргентина, Бразил, Велика Британија, САД и Чиле.
Ако, подморницата, која е направена пред повеќе од 30 години во Германија, потонала или поради некоја причина не може да исплови на површината, откако последен пат прати сигнал на 15 ноември, таа веќе би требало да ги троши последните резерви со кислород.
Досега не е откриено ништо што би можело да укаже каде е и што се случува со „Сан Хуан“.
Рускиот претседател Владимир Путин го охрабри претседателот на Аргентина, Маурисио Макри во врска со исчезнувањето на подморницата Сан Хуан во Атлантскиот Океан. Руската страна понуди помош во потрага и спасување. Тие се согласиле дека министерствата за одбрана на двете земји ќе одржуваат контакт во врска со тие прашања, се наведува во соопштението.