Заев – Борисов : Ја продлабочуваме соработка

По првата заедничка седница меѓу Владите на Македонија и Бугарија, во Струмица се потпишани договори за економска и трговска соработка. Потпишани се договори во областите на одбраната, надворешната политика, енергетиката, туризмот, телекомуникациите, инфраструктура и за реакции при природни катастрофи.

 

Во Домот на армијата во Струмица, се одржа прес-конференцијата на премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев.

 

„Застанавме едни до други со потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, а со денешната владина седница, активиравме уште еден од моторите кој треба да го повлечат целиот регион напред. Оваа свест што ја имаме како Влади, за нашата историска одговорност, да одговориме на моментот што отвара перспективи, е значајна за нашите билатерални односи, е значајна за евроинтеграциите на Македонија, е значајна за евроинтеграциите на регионот“, нагласи премиерот Заев.

 

„Сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, потоа и австриското, и романското и хрватското, за две години темата Западен Балкан не само да добие внимание од сите наши колеги во Европа, но и реално да се придвижи нанапред. Убеден сум дека за не повеќе од два три месеца, ќе успееме да го намалиме роамингот, и луѓето на двете страни да можат мирно да зборуваат“, изјави бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

 

Претходно тие оддадоа почит пред споменикот на поранешниот македонски претседател, Борис Трајковски.

 

Инаку Договорот за пријателство со Република Македонија може да стапи на сила до крајот на годината, најавија министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева во рамки на првата заедничка седница на владите на двете земји. Двајцата први дипломати изјавија дека ќе вложат напори парламентите на двете земји, што е можно поскоро да го ратификуваат договорот.

 

„Ја поздравуваме бугарската Влада што ја внесе ратификацијата на договорот во Народното собрание. Се надевам дека до крајот на годината или на почетокот од следната и ние ќе го ратификуваме“, изјави Димитров.

 

Бугарската министерка Захариева изјави дека се радува на заедничката седница на двете влади во Струмица.

 

„Многу се радувам што нашите влади се сретнаа денеска во Струмица зашто 18 години не сме имале меѓувладина седница“, изјави Захариева.

 

Таа изрази оптимизам за европската интеграција на Балканот по поддршката од страна на Фредерика Могерини и Жан Клод Јункер кои, рече, го посочија регионот како еден од најважните приоритети на ЕК.

 

Димитров и Захариева денеска потпишаа и Платформа за активирање на соработката меѓу двете министерства. Со документот се предвидуваат редовни консултации на ниво на министерствата за надворешни работи и дипломатските претставништва. Една од целите на документот е да се создадат работни тела за следење на исполнувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

 

Двете министерства за надворешни работи ќе работат и на синхронизирање на позитивните пораки и надминување на негативните одгласи/ставови во јавноста.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи