Човекот кој е невозможно да не го сакате. Каде и да се појави, воодушевува со својата игра и просто ги воодушевува дури и навивачите на противничкиот тим. Тоа е Андрес Иниеста. Капитенот на Барселона, синоќа доби стоечки овации и аплаузи од противничките навивачи, на дуелот против Јувентус во Торино.
Иниеста го напушти теренот во 82 минута, а на негово место влезе Жорди Алба. Навивачите на Јувентус без двоумење со стоечки овации го испратија капитенот на противничката екипа.
Iniesta getting a standing ovation from Juve fans ?? pic.twitter.com/cPCki5PNhQ
— infosmessi (@INFOSMESSl) November 22, 2017
Иниеста им возврати со аплауз, а после натпреварот го коментираше потегот кој го направија навивачите во Торино.
„Прекрасно е чуството кога некој на овој начин ќе ти покаже почит надвор од својата држава. Навистина сум горд. Ваквите моменти се памтат до крајот на животот“, изјави Иниеста.
Ова не е прв пат Иниеста да добие вакви овации од симпатизерите на ривалите. Тој беше херојот на Шпанија на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година кога „црвената фурија“ го освои Мундијалот, а Иниеста го даде голот во финалето. Потоа кога се врати во Шпанија, каде и да игра со Барселона, Иниеста постојано е дочекуван со овации, дури и на жешкиот терен од Реал Мадрид.
И на репрезентативно ниво Иниеста е навикнат да добива аплаузи од противничките фанови. Тој два пати има гостувано и во Македонија, во мечеви од квалификации за големи натпреварувања, па и од нашата публиката беше награден со аплаузи.