ВИДЕО : Емотивни исповеди на прилепските апстиненти – животот со алкохол е вистински пекол

Животот како алкохоличар за мене беше пекол, но исто така и за моето семејство, крадев, се тепав, имав предизвикано дури и сообраќајна несреќа. Вака ја започнува својата животна приказна Ташко Причков, најстариот член во клубот за лекувани алкохоличари од Прилеп „Методија Николоски – Мец“. Причков бил член на овој клуб од 1984 година. Се потсетува дека клубот во тоа време започнал да функционира само со неколку членови, но како што поминувало времето тој постојано се зголемувал.

 

 

„Оваа болест е пекол, пекол за целото семејство, за самиот алкохоличар, за околината, за работното место. Дома не се знае дека постои човек. Јас еве на пример сум правел секакви негативни работи. Ми се случило да направам сообраќајки, да крадам, да направам тепачки, најлошите работи сум ги правел додека пиев. Се гордеам со тоа што откако престанав да конзумирам алкохол досега фала му на Господ ми се нема случено никаква таква негативна работа“, раскажува Причков.

 

Tашко Причков, најстариот член во клубот за лекувани алкохоличари од Прилеп

 

Инаку клубот е формиран 1978 година и точно денеска на 29 ноември одбележува 39 години од своето постоење. Низ него во текот на овие години поминале над 3.500 апстиненти. Моментално клубот брои околу 60 членови, од кои 30-тина се редовни и секој вторник имаат состaнок.

 

Претседателот на клубот Стојан Мечев вели дека оваа установа е неопходна за Прилеп затоа што имало голем број семејства кои тука добивале помош. Мечев нагласува дека доколку некој западне во криза другите членови му помагаат истата полесно да ја надмине.

 

„Одвреме навреме годишно ме фаќаат кризи, но се јавувам кај нашите терапевти, дали тоа ќе биде д-р Снежана Ѓорѓиоска или д-р Велески и тие ми помагаат. Со некои лекарства ги пребродувам тие кризи. Тука се одлучив да дојдам благодарение на некои редовни членови од клубот, ме убедија некако да отидам на болница каде останав 10 дена и одтогаш сме пријатели. 9 години сум без никаков рецидив. Алкохолизмот е пекол, не бев ниту на земја ниту на небо. Сега откако престанав сосема сум подруг човек, имам доверба кај луѓето, семејството се чувствува одлично, татко сум на две ќерки, а еве сега дочекав и внучиња“, вели Стојан Мечев, претседателот на клубот.

 

Стојан Мечев, претседател на клубот

 

Петре Стеваноски кој 25 години е апстинент напишал и книга за сето она што еден алкохоличар го доживува. Книгата се вика „Без алкохол – здрав живот“ и во неа биле сместении животни приказни на повеќе алкохоличари. Периодот додека пиел вели дека не го нарекува живот.

 

„Тоа е импровизација на живот, само измачување, тоа неможе да се нарече живот. Во секој момент очекуваш да ти се случи нешто најлошо и секој момент можеш да си нанесеш болка на себеси до степен на самоубиство. Тоа е животот со алкохол, за разлика од животот без алкохол каде имаш визија и перспектива за иднината. Сето ова мислење јас го стекнав тука во овој клуб. Сите терапевти ми дадоа до знаење дека само алкохолот е причина за ненормален живот. Кога го сфатив тоа започнав да забележувам кој што преживеал. И после 22 години го собрав тој материјал и ја издадов оваа книга со намера да им помогнам на идните алкохоличари кои имаат потреба од помош “, истакнува Стеваноски.

 

Стеваноски вели дека алкохолизмот е најголемата причина за зголемувањето на бројот на семејно насилство. Тие како клуб се бореле и со тоа, но досега немало разбирање од државата бидејќи несакала да вработи постојан терапевт во клубот.

 

„Ние се бориме со тоа семејно насилство но неможеме да најдеме на разбирање кај компетентните институции и не сме моќни да помогнеме. За жал многу народ би се спасил доколку се најдат средства да оживее овој клуб, да се најдат терапевти кои редовно ќе работат тука. За жал никој нема помислено да донесе терапевт кој активно 24 часа ќе работи тука“, додава Стеваноски.

 

Петре Стеваноски, член на клубот на лекувани алкохоличари од Прилеп

 

Клубот моментално функционирал на волонтерска основа со 50 денари месечна членарина. Специјалистот по медицинска психологија, Јован Велески, кој работи како терапевт во клубот и им помага на овие луѓе вели дека пред се член може да биде само оној кој засекогаш се откажува од алкохолот.

 

„Општата болница од Прилеп е покровител на овој клуб и целиот тим доаѓа од таму. Болницата дури и помага околу патронажното возило кое сега не ни е во функција со кое ги посетуваме критичните апстиненти и алкохоличари за да ги убедиме да дојдат на третман. После болничкиот третман се доаѓа тука во клубов каде се врши обука на апстинентите, рехабилитација и понатаму кога ќе дојдат до една зрелост истите тие апстиненти се котерапевти и им помагаат на луѓето кои имаат проблем со алкохолизмот. Европската регулатива е многу јасна по однос на ова прашање, пример ако те застане полиција, а си возел под дејство на алкохол ќе мора 4 дена да посетуваш ваков клуб, што е многу практично. Има и доста други позитивни примери кои ние ги пренесуваме и еве 20 години ги внесуваме во националната стратегија за борба против алкохолизмот“, изјави Јован Велески, специјалист по медицинска психологија.

 

Јован Велески, специјалист по медицинска психологија

 

Клубот бил добитник на многу награди и постојано бил повикуван на разни семинари и конгреси за да ги сподели своите искуства. За клубот биле снимени неколку документарни филмови и биле напишани и книги. Овој клуб е еден од најуспешните во целиот регион. Велески вели дека државата треба да издвои поголеми финансиски средства за клубот, затоа што тимот кој работел со овие луѓе работел исклучиво на волонтерска основа.

 

„Сметаме дека општеството треба да биде поефикасно во финансирањето на овие групи професионалци за да може да се активираат повеќе од нив кои ќе работат континуирано на овој проблем. Целиот тим кој работи од болницата, д-р Снежана Ѓорѓиевска, главната сестра Винета Димоска и јас, работиме на волонтерска основа. Ние доаѓаме тука и како со наши пријатели разговараме на стручни теми и ги решаваме нивните проблеми. Клубот функционира само со 50 денари членарина. Секаде овој третман е скап. Бидејќи ако еден апстинент лежи во болница, еден ден чини 2.500 денари, а ќе лежи најмалку 15 дена и направете пресметка колкави ќе бидат трошоците на Фондот за здравство. А ако доаѓа тука со една минимална интервенција можеме да се справиме со тој проблем по сите основи. Гревота е Прилеп како град на Пивофест да не се издвојува по 1 денар од секоја кригла за овој клуб. Се надеваме дека ќе биде подобро во иднина“, додава Велески.

 

Членовите на клубот се надеваат дека во иднина државата ќе им посвети поголемо внимание, ќе им оддели повеќе финансиски средства, а со тоа пак ќе се спасат поголем број човечки животи, кои сега се изгубени поради моменталната ситуација на клубот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи