Европската унија и Велика Британија постигнаа начелен договор за износот на британските обврски кон Унијата после Брегзит, пренесува “Daily Telegraph” повикувајќи се на неименувани извори.
Споменатиот медиум пренесува дека бил постигнат начелен договор околу барањето на Европската унија Лондон да ги подмири своите обврски што ги има кон Унијата – во износ од 60 милијарди евра.
Во веста на “Daily Telegraph” се вели дека двете страни постигнале договор конечниот износ кој што ќе треба Лондон да го плати за „Брегзит“ да биде од 45 до 55 милијарди евра.
Европската унија смета дека британските даноци треба да пристигнат пред самитот кон средината на декември за челниците на Унијата да можат да ја одобрат новата фаза од преговорите кои што ќе ги вклучуваат и идните трговски односи помеѓу Велика Британија и Европската унија.
Доколку договорот е постигнат, тоа е знак дека двете страни значително се приближиле и сето тоа ќе им овозможи на самитот на 14-ти и 15-ти декември да се насочат кон разговорите за трговските односи меѓу двете страни после целосното спроведување на Брегзит.
Европската комисија не сакаше да го коментира извештајот, а неименуван висок функционер на британската влада изјавил дека не е информиран за ништо околу тврдењата на весникот.
Преговорите почнаа во јуни, а треба да завршат до април 2019-та година. Брисел бара да се оствари напредок по три прашања: правата на Европејците кои живеат во Велика Британија по Брегзит, последиците од разделувањето на границата меѓу Ирска и Северна Ирска и порамнување на сметките со Лондон.