Тоа што веќе подолго време се шпекулираше околу иднината на Арпад Штербик, веќе стана реалност. Голманот на Вардар и официјално потпиша двегодишен договор со унгарскиот првак Веспрем, објави клубот на својата интернет страница. Откако ќе ја одработи сезоната во Европскиот првак Вардар, од 1-ви јули идната година тој ќе се приклучи на новиот клуб, за кој претходно веќе има настапувано. Штербик беше дел од Веспрем од 2001 до 2004 година.
Во изјава за клупскиот сајт на Веспрем изјави дека со задоволство ја прифати понудата, потсетувајќи се на одличните денови поминати во унгарскиот првак, кога за прв пат потпиша во 2001-та и бранеше следните три сезони, пред да замине во Шпанија во Сиудад Реал а потоа и во Атлетико Мадрид. Во 2011-тата се пресели во Барселона, а од 2014-та е голман на Вардар. Со нашиот првак секоја години во низа го освојува купот и домашниот шампионат. Минатата сезона со Вардар се закити со титула од СЕХА лигата, но и најдрагоцената Европска, од Лигата на шампионите.
„Имав неколку понуди, но не можев да го одбијам повикот од Веспрем. Веспрем беше мојот прв сериозен клуб, со кој прв пат играв во Лигата на шампионите. Тоа беше одлично искуство. Би го истакнал и големото ривалство со ПИК Сегед. Имав многу убави моменти. Можам да ветам дека ќе го давам најдоброто од себе, моите амбиции секогаш се големи. Сакам да му помогнам на Веспрем да дојде до првата титула во Лигата на шампионите“, изјави Штербик.
Ова е уште едно во серијата најавени и потврдени заминувања од европскиот шампион на крајот од сезоната. Официјално од поодамна е дека Лука Циндриќ во јуни се сели во Кјелце, а Раул Гонзалес го презема ПСЖ. На излезна врата од Вардар, според најавите е и Илија Абутовиќ кој е блиску до потпис со Рајн Некар Левен. Српскиот дефанзивец има договор со „црвено-црните“, но постојат реални шанси тој да биде или веќе е „откупен“ од германскиот шампион. Речиси сигурно, од Скопје заминува и Хорхе Македа. За Шпанецот има понуди од Германија, но последно актуелна е преселбата во ПИК Сегед.