Потребно е отворање на Дневни центри за лицата со посебни потреби во Прилеп

Иднината на грижата за лицата со посебни потреби е во отворање на дневни центри или мали групни домови каде тие ќе престојуваат поголем дел од денот. Ова се главните пораки кои денеска ги упатија здруженија на лица со посебни потреби од Прилеп по повод „3-ти Декември“ Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Од здружението „Порака“ велат дека овие центри се неопходни за Прилеп, а со тоа не само што ќе се подобрел квалитетот на живот на овие лица туку ќе им се олеснел животот и на нивните родители кои во тој случај ќе можат да стапат и во работен однос.

 

„Се надеваме дека нашиот социјален клуб кој функционира веќе 3 години и каде се сместени 25 лица во иднина ќе прерасне во дневен центар каде што ќе има 5 полни работни дена, лицата ќе бидат згрижени 8 часа во текот на денот, а целта на сето ова е подобрување на нивниот живот и на животот на нивните родители, каде еден родител секогаш треба да биде покрај лицето со посебни потреби. Со отворање на вакви центри нема да има потреба од тоа и родителите ќе може да стапат во работен однос за да имаат подобра егзистенција за живот. Потребен е стручен кадар и тим, но пред се во стручниот тим кој ќе ги води тие лица да има вклучување и на родителите од тие деца, рече Раде Аљакоски, претседател на здружение на лица со посебни потреби „Порака“.

 

Потребата од отворање на вакви центри ја истакна и директорот на Центарот за социјална работа од Прилеп, Живко Силјаноски, кој заедно со делегација од Советот на Општина Прилеп и претставници на локалната самоуправа го посетија Дневниот центар „Ѕуница“ по повод „3-ти Декември“, меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

 

„Центарот „Ѕуница“ функционира веќе 15 години и во текот на овој период дадовме можност некои од овие лица да созреат како личности, некои од нив ги упативме во процесот на редовно образование. Но ако тргнеме од една ситуација дека пред 15 години тие беа мали деца сега се повозрасни и ние се соочуваме со друга ситуација, што да се прави со тие деца кои се сега над 26 години. Ние заедно со локалната самоуправа и Министерството за труд и социјална политика планираме да најдеми можност да се отворат дневни центри, не за деца, туку за возрасни, кои би ги анимирале и би им овозможиле една преокупација во текот на денот согласно нивните потреби и афинитети. Веќе започнавен одредени разговори на оваа тема и се надеваме дека ќе се реализираат нашите идеи и планови“, вели „Живко Силјаноски, директор на Центар за социјална работа – Прилеп.

 

 

Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби се одбележа и во посебните паралелки во ООУ „Климент Охридски“ каде улениците подготвија посебна програма. Во ООУ „Климент Охридски“ се образуваат 42-јца ученици со посебни образовни потреби од 1 до 9 одделение и кои се со постојана поддршка на наставниците дефектолози.

 

„Денеска сме собрани во пресрет на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата до попреченост, да го одбележиме достојно тој ден и да им дадеме на сите кои имаат потреба и поддршка за образование, да ја искажиме нашата грижа за нив. Исто така се надеваме на промени во законската регулатива за подобра здравствена и социјална заштита на овие лица и подобри образовни услови. Условите за работа во нашето училиште се далеку подобри за разлика од минатото, но треба уште работа. Подобрување во однос на изготвување на нови и подобри програми за работа со учениците спрема нивните потреби и усовршувањето на наставата“, рече Елизабета Христоска, наставник – дефектолог во ООУ „Климент Охридски“.

 

На дечињата, претставниците од Општина Прилеп им подарија пригодни подароци и училишен прибор.

 

„Тука сме во името на локалната самоуправа, градоначалникот и Советот симболично да го честитаме овој ден, ден кој што треба сите нас да не потсети дека овие лица постојат, дека тие се дел од нас и нашето општество. Ние треба да работиме во рамките можности и надлежности да носиме одлуки кои ќе го олеснуваат нивниот живот, ќе овозможат нивно полесно вклучување во сите полиња на општествениот живот“, изјави Елена Ташкоска, член на Совет на Општина Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.