Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за КУРИР најавува дека ќе поднесе оставка пред органите на партијата. Порачува дека еден ден СДСМ ќе се кае за ова што го прави, а народот ќе си ја врати државата.
КУРИР: Деновиве имавте прес конференција на која го изразивте револтот од притварањето на 36 лица за кои се покрена истрага за тероризам за настаните во парламентот на 27-ми април оваа година. Судот одреди притвори, а Вие оргнизирате протести протести. Кои ќе се следните Ваши чекори?
„За сите следни чекори одлучуваме заеднички во партијата. Имаме и секојдневни средби и на пратеничката група. Но јасно е дека станува збор за конструкција од највисок ранг. Влегувањето во парламентот и особено употребата на физичка сила беше грешка и јас бев прв политичар кој јавно, најпрвин преку социјалните мрежи повика на смирување а потоа и на прес конференција го осуди тоа. Од друга страна јасно е дека тоа беше реакција на акција, односно реакција на нелегалниот избор на претседател на парламентот, се чини намерно темпирана во време кога пред парламентот се одвиваа едночасовните протести на граѓаните, кои се до тој момент цели 60 дена беа мирни и без најмал инцидент. Луѓето, кои беа испровоцирани и кои влегоа веројатно мислеа дека со тоа ќе помогнат на државата, а всушност водени од емоции наседнаа на нечија стапица. Тие влегоа од патриотски побуди. По неколку месеци кога видовме дека се ослободуваат голем број осудени за криминал лица, кога се најави и закон за амнестија со кој ќе се амнестираат над 1000 затвореници меѓу кои голем дел за нанесување тешки телесни повреди, стана јасно дека имаме селективна правда во земјата спроведувана од оваа власт, и кога веќе е така, добро е да се направи едно сеопшто помирување, со закон да се ослободат од кривично гонење овие лица кои влегоа во парламентот, и во земјата да се фокусираме на напредок и реформи наместо на заглавеност во минатото. Всушност такви закони се носеле и во минатото и тоа од сите партии.“
КУРИР: Наместо тоа, добивте одговор со апсење на 37 лица, меѓу кои се бара притвор и за 6 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата…
Оваа акција на МВР и обвинителството е класичен политички и партиски реваншизам од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Прво, на настанот му се даде правна неоснована квалификација – тероризам, дело за кое е предвидена казна затвор од 10 години затвор па до доживотен затвор. За 6 пратеници се побара симнување на нивниот имунитет, затоа што обвинителството побара притвор. Брутално, драконски, незаконски, нереално и нечовечки.
Со овој чин, и официјално Македонија доби режим. Се притворија луѓе уметници, актери, режисери, оперски пејачи, архитекти, кои оружје како емитација можеби виделе само во театарска престава или филм, а добија квалификација на терористи. Апсурд. Поранешниот министер за внатрешни работи се стави во притвор со луѓе опасни по неговиот живот, и со претрпен инфаркт и операција на срцето направена пред 3 месеци.Заедно со него притворени се и некои негови соработници и професионалци од полицијата кои неприфатиле да прават лажни записници и да даваат лажни изјави. Безмилосно. Целосно лудило. Во притвор се секретарки и вработени во собранието кои се теретат дека со некаква мимика или гестикулација станале терористи.
И сето тоа 7 месеци после настанот. Ако сакале да избегаат имале доволно време. Ако сакале да влијаат на сведоци, исто така доволно време. Неможат да го повторат делото, кое и не постои, условно го кажувам тоа, затоа што ова се трите услови за одредување притвор.
Всушност најголем дел од овие луѓе не само што нетреба да добијат притвор туку не треба ни да се обвинети или осомничени. Пратениците биле на своите работни места во парламентот а не со бомби или пушки во рака. Директорот за јавна бзбедност Митко Чавков е повикан на одговорност, а министерот не. Луѓе кои влегле во парламентот со државни знамиња на Македонија и кои пееле песни а не убивале се прогласени за терористи. Тешки апсурди.
КУРИР:Што мислите дека е целта на сето ова?
Целта е да се удри по ВМРО-ДПМНЕ како партија која се грижи за националните интереси на македонците и на сите граѓани во Македонија. Да се ослабне партијата и нејзиното влијание, со цел да неможе да делува во полн капацитет во времињата кои доаѓаат. Целта е да се отргне вниманието од други процеси кои следуваат. Целта е да се исплаши народот и на ништо да не реагира, што и да се случува. Но, многу брутално и безмилосно.
Се прекршија многу законски постапки, вклучувајки го и бруталното и незаконско лишување од слобода на пратениците пред да парламентот одлучи за нивниот имунитет. Со лисици на рацете се изнеле и се држеле во судот поголем дел од денот. Крајно недемократски. Погазена е демократијата. Државата се води ревашистички и од политичари водени од гнев и омрза. Без елементарна човечност кога имаат некои политички цели.
Можеби сега сето тоа им изгледа дека ќе помине и ќе се заборави, дека многу долго ќе се на власт, но времињата ќе се променат и еден ден длабоко ќе се каат за тоа.
Народот ќе си ја врати државата.
КУРИР: Очекувате ли покана за НАТО и почеток на преговорите со ЕУ?
Очекувам и посакувам. Тоа е она што и треба на земјата. Но, овие чекори не оддалечуваат од тоа. Да тргнеш да апсеш 5 осто од пратениците во парламентот, или 12 осто од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, да ги преставуваш како терористи, да им вршиш упади по домовите пред очите на нивните деца, да затвораш недолжни луѓе, акери, режисери, оперски пејачи итн прикажувајки ги како терористи, само затоа што политички не се согласуваат со тебе, тоа не е европизирање. Владата во изминатиот период не правеше реформи, само зборуваше за нив. Таа се занимава со хајка и политички конструкции кон членови и подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да ја ослабне на таков начин. Досега преку 140 лица се нападнати од различните институции на власта. Ваков прогон немало од 1949 та година.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го преживее и ова. Македонија исто така. Но, последици ќе има.
КУРИР: Во Вашето последно интервју кажавте дека се подготвува анализа за поразот на изборите. Во јавноста главното прашање е дали Никола Груевски ќе остане претседател на ВМРО-ДПМНЕ или не. Дали тоа ќе зависи од исходот на таа анализа?
Јас вечерта после првиот круг на изборите кажав јасно дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Потоа во телевизиско интервју појаснив дека секогаш во еден тим кој се натпреварува, било политички, спортски, бизнис или слично, најголемата одговорност по дефиниција ја носи првиот човек. Тие кои добро ме познаваат и оние кои добро разбираат политички пораки ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка.
Партијата, согласно статутот ќе оргазнизира вонреден конгрес, на кој освен извештајот за анализта на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа го мислев и тогаш на 15ти октомври вечерта, но заради актуелноста на изборите го кажав со политички речник. Тоа го мислам и сега, и бидејќи двата круга на изборите поминаа, емоциите од кампањата стивнаа, и можам да го кажам и најдиректно и понепосредно.
Овој чекор е дел од моите основни принципи и вредности.
Покрај ова се надевам дека тоа ќе помогне и во разрешувањето на целокупната полтичка атмосфера.
КУРИР: Кога очекувате дека ќе заврши анализата и дали оставката ќе уследи по неа?
За анализата веројатно ќе треба уште недела до две, а оставката може и не мора да е поврзана со нејзиното завршување, бидејќи не е поврзана со нејзиниот исход.
КУРИР: Кога ќе се одржи конгресот на партијата?
За тоа ќе одлучат органите на партијата.