Времето во Македонија денеска ќе биде облачно на повеќе места со обилни врнежи од дожд, кои ќе бидат најобилни во западните и источните делови каде локално се очекува да наврнат над 50 литри на метар квадратен.
Врнежите од дожд во последните 24 часа ги зголемија нивото на сите водотеци во Македонија, а особено на реките во западниот дел на земјата. Според податоците на управата за хидрометеоролошки работи најголеми промени на водостојот има на реките Радика кај Бошков мост, Сатеска кај Ботун и на Вардар кај Јегуновце, а продолжувањето на врнежите може да доведе до излевање на Радика, Црн Дрим, Сатеска и Вардар.
Според фотографиите, нивото на реката Вардар е критично во близина на Градскиот парк во Скопје и реката е на граница на излевање во овој дел од градот.
Се очекува да продолжи зголемувањето на нивото на сите водотеци со оглед на најавите од синоптичарите дека врнежите ќе продолжат, а ќе бидат најобилни во југозападните и источните делови на земјава каде се очекуваат над 60 литри на метар квадратен.