Триесет и девет ново регистрирани случаи на ХИВ/СИДА се евидентирани во 2017 година на ниво на Македонија. 4 од нив се со СИДА, а 35 ХИВ позитивни. Смртни случаи во текот на оваа година нема. Она што е карактеристино е тоа што сите новоинфицирани лица се од машки пол, а возрасната група е од 20 до 29 години.
Во Прилеп пак во 2017 година се регистрирани 3 новоинфицирани случаи на ХИВ/СИДА. Инаку во Прилеп во последните години се бележи благ тренд на пораст на заболените од ХИВ/СИДА. Вкупната бројка, од првиот регистриран случај од 1991 година, досега изнесува 16 инифицирани лица со ХИВ вирусот, од кои 6 од нив биле во последните 2 години. Три новоинфицирани лица има во 2016 година, и три во 2017 година.
.
Во Македонија според официјалните податоци со кои се располага заклучно со 30.11.2017 година вкупниот број на лица со ХИВ вирусот изнесува 354, од нив 189 се болни од СИДА, 167 се ХИВ позитивни, а од овие 189 заболени 83 веќе се починати. Ова се исто бројки од првиот регистриран случај од 1991 година.
Инаку денеска со предавање во училиштата и делење на пропаганден материјал и презервативи денеска Центарот за јавно здравје од Прилеп во соработка со Црвениот крст го одбележаа Меѓународниот ден за борба против сидата, 1 Декември. Од Центарот за јавно здравје истакнаа дека во текот на вчерашниот ден била одржана трибина со учениците од СОУ „Ѓорче Петров“, а со вакви едукативни предавања ќе се продолжело во сите основни и средни училишта од нашиот град.
„Во Македонија секој оној кој што е инфициран од ХИВ/СИДА има пристап до антивирусната терапија која ја има во доволен број за сите. Целта на нашите едукации е да се укаже на раното откривање на ХИВ инфекцијата и значењето на тестирањето во таа смисла. Што побрзо се направи тестирањето, во порана фаза на инфекцијата, кога сеуште имунитетот на заразениот е зачуван, тогаш поголем ќе биде ефектот од лекувањето. Затоа инсистираме болеста да се открие во што е можно порана фаза. Токму затоа инсистираме да прават ХИВ тестови“ истакна Татјана Станимировиќ, началник на одделение по епидемиологија при ЦЈЗ.
Татјана Станимировиќ, началник на одделение по епидемиологија при ЦЈЗ
Станимировиќ потенцираше дека ваквите тестови се прават и во Прилеп, кои се бесплатни и при тестирањето максимално е запазена дискрецијата и анонимноста на лицата.
„Во нашата институција со години работи советувалиште за сексуално преносливи болести и за сексуално и репродуктивно здравје. Советувалиштето работи секој ден, каде може да се добијат совети, бесплатно тестирање, кое што е анонимно и доверливо. Идентитетот на лицата кои доаѓаат тука воопшто не се споменува. Тестовите се со 99% сигурност и многу брзо се соопштува резултатот. Затоа апелираме секој оној кој смета дека бил изложен на некој ризик да дојди и да направи тестирање“, додава Станимировиќ.
Инаку Светскиот ден за борба против сидата на иницијатива на Светската здравствена организација годинава се одбележува по 29 пат. Целта на одбележувањето на овој ден е да се подигне свесноста кај луѓето на овој проблем и на можностите и улогата на превентивните програми за превенција на ова заболување како и да се укаже на достапноста на терапијата за луѓето кои живеат со ХИВ/СИДА која овозможува значително продолжување на животниот век на инфицираните така што кај нив се постигнува ското очекуваното траење на животот.
„Според СЗО во моментов во светот со ХИВ вирусот живеат околу 37 милиони луѓе, 1,8 милиони има новоинфицирани во 2016 година, 1 милион починати. Благодарение на превентивните програми во споредба со 2000 година бројот на ново инфицирани е намален за 35% додека бројот на починати односно на смртни исходи е намален за 45%, а тоа е благодарение на достапноста на антивирусната терапија со која неможе да се излечи болеста но значително се успорува размножувањето на вирусот, дури и до незначително ниво да неможе да се пренесе не нови лица. Со самото тоа се продолжува и животниот век на инфицираните, а се спречува и понатаможното ширење на ХИВ вирусот“, вели Станимировиќ.
Според Европскиот центар за контрола на болести во 2016 година во Европа има 220 новоинфицирани лица. За жал сеуште бил висок процентот на новоинфицирани кај мажите кои имаат сексуални односи со мажи. Околу 40% биле од оваа категорија, а понатаму следувале и лицата кои се заразиле по хетеросексуален пат.