ВИДЕО : КУД „Мирче Ацев“ – 7 децении културен амбасадор на Прилеп и Македонија

КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп веќе 7 децении е културен амбасадор не само на Прилеп туку и на Македонија. Друштвото е формирано во далечната 1947 година, во месец април, на иницијатива на работниците во прилепскиот Тутунски комбинат. На почетокот функционирале три секции: фолклорна, пејачка и драмска. Од драмската секција потоа произлегол народниот театар „Војдан Чернодрински“.

 

 

Годинава овој значаен јубилеј друштвото го одбележа со голем концерт во домот за култура „Марко Цепенков“, а како коинциденција ветераните од друштвото годинава ја добија и највисоката награда што ја доделува Општина Прилеп, наградата „3-ти Ноември“.

 

Во текот на овие 7 децении низ друштвото поминале над 4.000 членови.

 

„Годинава достојно го одбележавме 70 годишниот јубилеј повикувајќи гости од Макарска, Хрватска и од Јагодина и Ирик од Србија. Посебно е значајно тоа што гостите од Ирик изразија желба за збратимување на двете општини Прилеп и Ирик и се надеваме дека тоа и ќе се оствари во иднина. Инаку КУД „Мирче Ацев“ има гостувано на сите континенти, низ него поминале огромен број играорци и свирачи. Штета што никој не водел точна евиденција, но нивниот број сигурно е над 4.000 членови. Во него членувале и сега познати естрадни уметници како што се: Блага Петреска, Ѓорѓи Желчески, Захаринка Милошевиќ, Елена Велеска“, истакна Атанас Гагалески, претседател на КУД „Мирче Ацев“

 

Ветарните од КУД „Мирче Ацев“ велат дека во своето постоење друштвото има одржано концерти на сите континенти. Најрадосни се што друштвото има голем број млади членови кои ја продолжуваат традицијата и го негуваат македонскиот фолклор.

 

„Јас сум член на друштвото од 1982 година. Годинава одбележувам њеден јубилеј од 35 години и сеуште сум активен, сеуште играм, а она што ме држи тука е желбата за играње и љубовта кон фолклорот. Задоволни сме од бројот на младите членови еве како што може и сами да забележите голем е нивниот број и се надеваме дека и тие ќе ја продолжат традицијата. Неможам да одделам која турнеја била најубава, можам само да кажам дека во сеќавање ми останале турнејата од 1997 година во Германија, Франција, Белгија и Данска, потоа во 2000 година во Мароко. Сите турнеи се убави, секаде сме поминувале одлично и секаде бевме пречекувани одлично од домаќините“, вели Гоце Стојаноски, член на КУД „Мирче Ацев“.

 

„Според сегашните членови се гледа дека фолклорот е доста застапен во нашиот град. На последниот одржан концерт салата беше преполна до последно место, и тоа докажува дека фолклорот кај нас се почитува. Јас сум еден одн постарите членови и сум горд што по моите стапки продолжија моите деца“, кажа Сашо Милошески, ветеран на КУД „Мирче Ацев“.

 

Друштвото има освоено голем број награди како во Македонија така и во странство. Ветераните велат дека иако повеќе не се активни членови на друштвото постојано се тука за секаква помош и споделување на искуства. Исто така секоја година се собирале на т.н. „Фолклорна вечер“ за да се потсетат на својата младост.

 

„Во името на сите некогашни ветерани и играорци на КУД Мирче Ацев можам да му се заблагодарам на градоначалникот Илија Јованоски за наградата „3-ти Ноември“ како успех целиот наш минат труд. Имаме освоено огромен број на награди ширум светот, како во Англија, Шпанија, Франција, Хрватска и многу други“, рече Рубин Кочоски, ветеран на КУД „Мирче Ацев“.

 

Огромниот број на млади членови на КУД „Мирче Ацев“ се најголемата надеж дека македонскиот фолклор и традиција нема да згаснат и дека тие ии понатаму ќе бидат презентирани пред светот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien