Еднаква шанса на пазарот на труд за 130.000 граѓани со поддршка од ЕУ

 

Околу 130 илјади македонски граѓани преку програмата за развој на човечки ресурси финансирана од Европската унија се доквалификуваа со што добија еднаква шанса на пазарот на труд, а ранливи групи на граѓани се интегрираа во општеството.

 

Европската унија преку ИПА инструментот ја поддржа програмата за човечки ресурси во рамки на која беа спроведени 96 проекти и беа поддржани македонските граѓани преку активните мерки за вработување, подобрување на знаењата и интегрирање на ранливите категории.

 

Евроамбасадорот Самуил Жбогар денеска на Економскиот факултет во Скопје на настанот посветен на оваа програма, најави дека Европската унија посветено ќе продолжи да ја поддржува социјалната инклузија и економски развој.

 

 

За премиерот Зоран Заев, трите важни предуслови за подобар живот на граѓаните се квалитетното и применливо образование, еднаквите можности за сите и широк спектар на можности за вработување.

 

„Тоа се цели и на Владата на Република Македонија. Цели што ги споделуваме и со Европската унија бидејќи тоа се цели кои го овозможуваат социо-економскиот раст на земјата“, истакна премиерот Заев, додавајќи дека во програмата за економски раст и програмите за активните мерки за вработување посебна грижа им е посветена на социјалните групи изложени на ризици и на родовата нееднаковост.

 

Министерот за финансии Драган Тевдовски оцени дека политиките на Владата се комплементарни со политиките на ЕУ и посочи дека во Предлог-буџетот за 2018 година се предвидува скоро една милијарда денари за активни мерки за вработување што е многу повеќе од просекот во изминатите години.

 

На настанот, што се одржа во рамки на кампањата „Веруваме во Тебе, вложуваме во Тебе, ЕУ за ТЕБЕ!” се одржа и саем на проекти од Програмата за вработување, образование и социјална инклузија на кој беа презентирани над 45 проекти.

 

Извор: МИА

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien