Пензионерите од прилепските населби „Корзо“ и „Сточен Пазар“ добија нов клуб кој се отвори во близина на раскрсницата Чумовчани. Инаку ова е 10-тиот ваков клуб кој го отвора Здружението на пензионери од Прилеп каде членуваат и пензионерите од општините Кривогаштани и Долнени. Инвестицијата за отворањето на овој клуб е обезбедена од сопствени средства на Здружението на пензионери.
„Денеска дојдовме тука да отвориме еден клуб кој ние како Здружение го купивме од Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор. Тука инвестиравме околу 32.000 евра. Овој клуб е наменет за пензионерите од урбаните заедници „Корзо“ и „Сточен пазар“ за да можат да се дружат помеѓу себе, да се забавуваат и да се рекреираат. Имаме отворено 10 вакви клубови, треба да се отворат вакви клубови уште во населените места Ропотово и Обршани и клубот во населбата Варош. Овој клуб во Варош е реновиран од претходната Влада сега треба Министерството за труд и социјална политика да го предаде на Општина Прилеп и ние потоа да го добиеме на користење. Досега добро работиме и мислам дека ќе продолжиме и понатаму со вакви активности“, Кирил Ѓорѓиоски, претседател на Здружение на пензионери – Прилеп.
Пензионерите од „Корзо“ и „Сточен пазар“ се задоволно што конечно добиле катче за рекреација и одмор.
„Овој клуб многу значи за нас пензионерите затоа што ние од оваа населба конечно добивме едно катче каде може да твориме, да се разонадуваме и да го поминуваме слободното време“, кажа Љубен Димески, претседател на огранокот на пензионери „Корзо“.
На отворањето на клубот присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.