Во рамки на „Граѓанскиот парламент“ кој стана редовна практика на градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, вечерва тој оствари средба со жителите на населбата Тризла, на која се разговараше за решавање на најгорливите проблеми со кои се соочуваат жителите на оваа населба. Граѓаните од овој дел на Прилеп веќе со години немаат ниту елементарни услови за живот и беа оставени без никаква помош од институциите.
„Во рамки на „Граѓанскиот парламент“, кој го одржувам со граѓаните од нашиот град, невладините организации и разните здруженија, во тој дух вечерва ќе имаме средба со нашите сограѓани Роми. Заедно на овој состанок ќе ги утврдиме проблемите со кои се соочуваат тие и решенијата кои ќе следуваат потоа. Мислам дека сите заедно ќе се стремиме да ги решиме проблемите на овие граѓани, особено од населбата Трзила 2, како што се местата викани „Три багреми“ и „Мексико“, каде состојбата е најкритична. Се надевам дека сите овие проблеми во иднина постепено ќе ги решаваме заедно со граѓаните и невладините организации“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.
Претставниците на невладите организации истакнаа дека со вавките средби се докажува дека ромската заедница е активен чинител во процесите на донесување на одлуки во општеството.
„Имајќи во предвид дека во подготовка е буџетот за 2018 година на денешната средба од градоначалникот Јованоски ќе побараме да не извести за планираните активности кои што треба да се реализираат вонаселбата Тризла 2, но исто така и да ги слушне нашите идеи и предлози во делот на приоритетите со кои се соочуваа ромската заедница. На ваков начин всушност покажуваме дека ромската заедница е активен чинител во процесите на донесување на одлуки и со тоа се стремиме кон една заедничка интеграција која ќе овозможи еднаков пристап на сите Роми во процесите на донесување на одлуки“, изјави Несиме Салиоска, извршен директор на „РОМА СОС – Прилеп“.